Основни принципи на механиката: Релативност на движење



Нашата интуиција ни говори дека во природата секогаш постојат нешта што се движат и што мируваат. Акустичната гитара што се наоѓа во моја непосредна близина, како што можам да забележам—мирува на стативот, додека пак низ прозорецот гледам како луѓето постојано се движат во сите насоки итајќи кон некое целно одредиште. Значи, горедолу работите се јасни, нели?

Веројатно не.

Движењата и мирувањата ги констатираме само тогаш кога во обѕир ги земаме случувањата тука на Земјата, каде што мирувањето е релативно. Тоа значи дека мојата гитара, која навидум мирува, сепак, на основа на споредување—постојано се движи. Еден прост пример. Во трговските центри неизбежно ги користиме подвижните скалила—доколку само мируваме, ја постигнуваме вредноста 0 км на час релативно на скалилата, но релативно на некој набљудувач од страна ние правите придвижување од ~ 4 km/h. Доколку чекориме во правец на движењето на скалилата, се движиме со брзина од ~ 4 km/h релативно на скалилата, но за истиот набљудувач ние се движиме со брзина од ~ 8 km/h. Доколку пак чекориме обратно од движењето на скалилата, повторно правиме движење од ~ 4 km/h, но овојпат за набљудувачот од страна буквално ние стоиме во место.

Но и стоењето во место е илузија. Дури и во овој момент, додека го читате ова вие имате импресија дека мирувате, но тоа чувство е занемарливо. Точно, вие мирувате релативно на Земјата, но Земјата прави движење од приближно 30 километри во секунда во однос на Сонцето. Сонцето пак, се движи во јатото на ѕвезди околу центарот на Млечниот Пат со приближна брзина од 230 km/s, комплетирајќи една орбита на секои 225 милиони години. За да го пронајдеме оддалечувањето на Млечниот Пат во однос на другите галаксии ќе треба да ја примениме Хабловата константа.

Дури и во попладневниот дремеж кога раскомотено си одморате, иако не се движите, тоа за вас го прават атомите, молекулите, крвта во вените, клетките и останатите физиолошки процеси во организмот кои се во постојана меѓусебна релација. Згора на тоа, модерната квантна физика посочува дека празниот простор воопшто не е празен, та дури и најпразниот можен вакуум е исполнет со активност—продукт на таканаречените виртуелни честички индиректно детектирани со изведбата на експериментот општо познат како Казимир ефект.

Сè во природата е дел од сложени процеси интимно поврзани со движењето. Движење кое нам ни е „сервирано“ како реалност. Тоа што постоело пред Големата експлозија е отсуство на движење. Немало простор, радијација, температура, галаксии, планети и ѕвезди. Ништо. Па така, последицата е дека во природата нема тело за кое би тврделе дека е во апсолутен мир.

Излегува дека таму каде што има движење таму има живот. По сè изгледа дека е практично постојано да се биде во движење.

Comments