Во спектарот на минатото, сегашноста и иднината

Во текстот што претстои ќе направиме кус осврт кон еволутивниот и филогенетскиот тек на човековиот вид, како и преглед на повеќе концепти поврзани со иднината на човештвото. Веројатно најголемиот дел од овие замисли на некои луѓе би им изгледале малку луди, исто како што патувањето до Месечината би им изгледало лудо на повеќето наши праисториски предци. Па, да почнеме со ред.

Староста на планетата Земја се проценува на приближно 4,5 милијарди години (Dalrymple, 2001), па затоа е разумно да констатираме дека човекот како вид егзистира прекратко во однос на целата планетарна историја, отприлика 300 илјади години (Callaway, 2017).

Човекот (Homo Sapiens) спаѓа во класата цицачи, чии корени надминуваат 250 милиони години, период познат како Тријас. Сепак, појавата на т.н. плацентални—вистински цицачи со карактеристики слични на денешниот жив свет од класата цицачи, наоѓаме уште пред 160 милиони години во доцниот Јура период (Luo, Yuan, Meng, & Ji, 2011). Според податоците од палеоневрологијата и компаративната биологија, главниот адут на цицачите бил, и сѐ уште е—големиот мозок кој покажува значително поголема маса во однос на останатите класи на животни со иста телесна маса (Northcutt, 2002).

Мозокот на Homo Sapiens се разликува од останатите по истакнатиот череп (особено челниот дел) и кранијалниот капацитет чијашто големина се движи помеѓу 1200 и 1600 cm3, три до четири пати повеќе од најстарите предци од родот Homo. Освен што може да чекори на две нозе, нашиот вид има особени карактеристики како што е комплексното размислување, јазикот, планирањето, сметањето итн.

Човековиот мозок е веројатно „најалчниот“ орган во целото тело, консумирајќи приближно 18% од севкупната енергија на телото (иако неговата маса во однос на телото е само 2%). За негово здраво функционирање се вклучени цели 20W (вати) и приближно 20% од крвта што надоаѓа од срцето се неопходни за снабдување со глукоза. Со мала доза на себељубие може да констатираме дека го поседуваме (досега) најсложениот објект во универзумот.

Големиот мозок е еден од главните предуслови за поседување на колосален умствен капацитет кај современиот човек. Тука особено се осврнуваме на неокортексот како основа за когнитивните процеси поврзани со расудувањето и свесноста (Dunbar, 1998). Постојат основани сомневања дека рапиден напредок во когнитивните особини е продукт на молекуларна еволуција на генот FOXP2 (forkhead box P2) лоциран во човековиот хромозом 7q31 во две функционални копии со што се овозможува говор и јазик (Enard, et al., 2002). Ваквиот исход е производ на природната селекција и донел нови неверојатни особини кои биле својствени исклучиво за човечкиот вид: јазик, ритуали, култура, филозофија, дузина инвенции и културни феномени кои почнале да не следат пред десетици илјади години.

Когнитивните атрибути на Homo Sapiens се несомнено уникатни. Иако постојат извесни шпекулации околу појавата на пионерското интелектуално поведение, сепак, донекаде е воведен консензус којшто ни разоткрива дека првите знаци на т.н. современо однесување датираат ~ 100 илјади години (Tattersall,2009). Најдобар показател за ова е пештерата Бломбос во југоисточна Африка, чии материјални артефакти датираат ~ 77 илјади години. Во неа се пронајдени морски школки од типот Nassarius kraussianus со рачно изработени отвори за кои се претпоставува дека биле нанижани на врвца и кои веројатно служеле како личен орнамент. Биле пронајдени и коски кои служеле како алатки, но се чини она што најмногу привлекува внимание се гравурите на геометриски форми исцртани на камења од окер во вид на триаголници и слични геометриски шаблони (Henshilwood,et al., 2002). Никој не може со точност да го претпостави значењето на овие симболи, но може да констатираме дека надреденоста за апстрактно размислување стапила на сцена.

Она што навистина потсетува на денешната софистицирана уметност се појавува речиси 40 илјади години подоцна, на европското тло, период за кој се смета дека претставува експлозија на технолошката креативност. Ваквата појава во буквална смисла на зборот претставувала револуција на модерното однесување. Артефактите укажувале на модерните когнитивни капацитети кои несомнено довеле до зародиш на културата, јазикот и примитивната технологија (Klein, 1995). Други податоци наоѓаме во француската пештера Шове (откриена во 1994 година), општо позната како „Пештерата на заборавените сништа“, каде осамнуваат стотици величествени цртежи на најразновидни животни: бизони, коњи, елени, мечки, пантери, носорози, бувови, потоа траги од човечки дланки, апстрактни симболи и безброј други уметнички подвизи. Слични творби биле пронајдени на уште многу места низ светот: Бразил, Австралија, Европа и Африка, од коишто некои се илјадници години стари, а некои скорашни.

Како што можеме да видиме од кусиот историски преглед, човекот бил предан творењето и креативноста, а културата со време станувала се покомплексна и зазела силен замав којшто денес не само што довел до нови форми на интелектуално изразување, туку веројатно ја поттикнал современата наука со чија помош ги реализираме фактичките случувања во природата и општеството.

И ете нѐ, после милиони години, од безначајни суштества, постепено сме се трансформирале во единствената високо интелигентна форма на живот на Земјата. Она што нас не карактеризира како луѓе, и она што не прави прилично поинакви од останатите групи на животни е можноста за апстрахирање, односно, способноста за пронаоѓање на модели, шеми и шаблони во природата, потоа, процесите на учење, сметање, планирање и, веројатно една од најинтересните суштински црти, да предвидуваме. Сепак, тука не мислиме на предвидувања од типот „Нострадамус“ и „Баба Ванѓа“, туку на прецизно калкулирање со определени варијабли и евентуално предвидување на идни настани (на пример: периодичната појава на Халеевата комета).

Предвидувањето е токму она што не става во позиција во текстов да посочиме можни идни настани. Но дури и предвидувањето за еден век отсега претставува целосна енигма. На пример, луѓето во IXX век ги предвидувале технолошките иновации на многу чуден и истовремено симпатично наивен начин (клик тука). Но исто така, пред повеќе од еден век, мислевме дека на науката ѝ се ближи крајот, но откривме мистерии поголеми отколку што некој можел да замисли – разбивањето на атомот и квантната физика која е неоспорно важна за развојот на компјутерската ера.

Во 1949 година, набрзо по креирањето на еден од првите компјутери, наречен ENIAC, во списанието Популарна механика се направени речиси смешни прогнози каде се опишува како компјутерите во иднина ќе тежат не повеќе од 1,5 тони и ќе поседуваат само околу 1000 вакуумски цевки (иако може да се каже дека во краток рок предвидувањата се оствариле). По само неколку декади, инвентирани се интегралните кола и чипови, компјутери со извонредни капацитети и способности, тежејќи не повеќе од неколку килограми и зафаќајќи простор не поголем од еден грамофонски уред. Дури и денешните паметни телефони и таблети би биле вистинска технолошка сензација доколку некој би поседувал еден таков примерок пред неполни две декади.

Навистина е тешко да се предвиди што ќе биде технолошки хит за десеттина години, но може послободно да размислуваме за тоа што ќе се случува на долги патеки. Несомнено ја пигментираме нашата технологија кон нешто што се нарекува – технолошки сингуларитет. Луѓето во иднина ќе ја имаат неодоливата можност селективно да бришат, па дури и да креираат и додаваат сеќавања во својата меморија. Сакате брзо и лесно да научите џиу џицу (како во филмот Matrix)? „Даунлодирајте“ ги податоците во секунди, а потоа лесно ќе се справите со секој што ќе се дрзне да го испровоцира вашето трпение.

Како што сегашната технологија може да навести, според т.н. Закон на Мур (наречен по коосновачот на компјтерскиот гигант Intel), каде што е предвидено удвојување на компјутерската моќ на приближно секои две години, веројатно во наредните илјада години ќе наидеме на речиси надреални промени во нашите физички способности, најмногу поради забрзаниот развој на компјутерската технологија. Тоа не условило да размислуваме за трансхуманизмот, еден вид на идеологија, која подразбира подобрување и усовршување на човештвото со помош на технологијата и науката, како и откажување од негативните аспекти од човековото постоење како што се болестите, страдањето, стареењето, смртта и слично.

Истражувањата во генетското инженерство ќе ни овозможат значително подолги животи и зголемена интелигенција. Со владеењето на сопствените гени, може да направиме промени кои би ни одговарале за патувања во меѓуѕвездениот простор, како на пример, кожа отпорна на специфичен вид на радијација, способност да дишеме поинаков тип на атмосферска композиција, отпор од разни болести и инфекции. Дури и сосем можно е да создадеме органи користејќи се со синтетичка ДНК. Сите овие промени би не направиле бесмртни.

Во книгата The Future of the Mind на теоретскиот физичар Мичио Каку, авторот ни дава кратко резиме на можните идни подвизи. Кога биолошкиот часовник ќе започне да одбројува, нашата меморија може да ја копираме во ново, технолошки посовремено тело, или подобро речено – машина. Вашите мисли и податоци постепено ќе се копираат, неврон по неврон, во новото тело. Одненадеж, ќе се затекнете повторно млади, бескрајно убави со натчовечки способности. А како кулминација на сето тоа—вие сте бесмртни. Веројатно, прво нешто што ќе забележите е вашето претходно – сега старо – тело, кое сега е само беспомошна биолошка структура без сеќавања и свест. Ваквиот поглед се чини истовремено застрашувачки, и восхитувачки. Тоа би било неверојатно издигнување на еден сосема нов тип на напредна цивилизација, а бесмртноста несомнено ќе ни биде на дофат.

Но наместо да ја предвидуваме нашата иднина, можеби наскоро ќе имаме можност да ги набљудуваме комуницирањата на други вонземски ентитети и нешто да научиме од нив. Интерес за тоа како би изгледале напредните цивилизации покажал советскиот астроном Николај Кардашев, којшто користејќи радио телескоп се обидел да открие потенцијални вонземски сигнали од други соларни системи. Исто така, верувал дека вселената е населена со цивилизации со неверојатни способности, па затоа во 1964 година предложил три типови на цивилизација кои би можеле да го населуваат космосот:
  • Цивилизација тип 1: може да ги контролира и користи сите ресурси на енергија од матичната планета.
  • Цивилизација тип 2: може успешно да ја користи целата излезна енергија на матичната ѕвезда.
  • Цивилизација тип 3: интерстеларна цивилизација која успешно може да собира енергија ширум целата галаксија.
Типологијата е добиена според способноста и нивото на користење на енергија на секоја од цивилизациите. Каку проценува дека на човештвото ќе му бидат потребни најмногу двесте години да досегне до цивилизацијата тип 1, неколку илјади години до цивилизацијата тип 2, помеѓу сто илјади години и милион години до цивилизацијата тип 3. Тој исто така изнесува и своја претпоставка на додатни типови на цивилизации: цивилизација тип 4 – коишто може да ја користат темната енергија како неисцрпен извор на енергија; цивилизација тип 5 – способна да преминува во повеќе универзуми и да ја користи нивната енергија.


Некои извори на ентузијастички начин нафрлуваат тип 6 и тип 7 цивилизации, вистински богови, способни и самите да продуцираат нови вселени. Можеби некој суперинтелект ја создал нашата вселена за да избегне колабирање на некоја претходна, а ние сме само случаен нуспроизвод на целиот експериментален процес. Доколку навистина инсистираме на творец, можеби оваа констатација најдобро кореспондира со здравиот разум, но факт е дека не знаеме дали е тоа вистина. 

Всушност немаме поим што точно ќе ни приреди иднината, но доколку во меѓувреме не се самоуништиме, имаме големи шанси да направиме неверојатни подвизи и да ги достигнеме ѕвездите за кои некогаш сметавме дека се само далечни свеќички.

Comments