Потеклото на музиката: Пинкер vs. Левитин (прв дел)
Во науката секогаш постоеле судири на идеи, мислења и аргументи. Кога станува збор за музиката и нејзиното потекло, веројатно најинтересните спротивставени аргументи и мислења доаѓаат од две еминентни имиња од светот на науката: Стивен Пинкер и Даниел Левитин. Пинкер е когнитивен научник, истакнат писател и професор кој активно истражува во доменот на јазикот, умот и човековата природа. Во популарното списание TIME бил вброен во стоте највлијателни мислители во светот.
Левитин најпрвин бил активен како автор и музички продуцент на повеќе познати имиња од музичкиот свет, меѓу кои: Сантана, Крис Ајзак, Џо Сатриани и др. Подоцна постепено го свртува вниманието кон други области како невронауката и когнитивната психологија. Публикува голем број на научни трудови кои (во најголем дел) се однесуваат на музиката.
Пред себе имам две интересни книги: How the Mind Works на Пинкер и This Is Your Brain on Music на Левитин. Мора да потенцирам дека и двете нудат широк спектар на информации кои го опишуваат суштествувањето на умот во линија со музиката, со таа разлика што изданието на Левитин целосно се осврнува на поимот музика, додека кај Пинкер таа делумно се разгледува во последното поглавје, а книгата е претежно научна нарација за човековата природа, јазикот, утврдување на неговата биолошка основа и когнитивни аспекти, визијата, емоцијата и други компоненти во корелација со споменатите.
Пинкер ги застапува аргументите на таборот научници коишто сметаат дека музиката е изградена врз основа на претходно еволуирани механизми кои го доведуваат прашањето за потеклото на музиката на нулта хипотеза, па затоа би требало да ја сметаме само како човекова творба, а не како еволуирана особина. На стр. 528 Пинкер пишува: „Сѐ додека е засегната биолошката каузалност—музиката е бескорисна.“ — тврдење коешто наидува на остри реакции и негодување. Пинкер го посочува фактот дека многумина од музичкиот свет ја мразат оваа хипотеза бидејќи се остава впечаток дека музиката е обезвреднета дисциплина. Забуната се состои во тоа што адапциската логика на еволуцијата ги вбројува оние биолошки карактеристики кои оставиле трага во нашите гени и коишто придонеле за опстанок на видот, додека во секојдневието честопати ги присвојуваме оние работи што се полезни и вредни со цел да се воведе општо подобрување на квалитетот на живеење.
Накусо, еволуциската адаптација и подобрувањата на животниот квалитет се два сосема различни концепти кои не треба да се мешаат. На пример, механизмот на читање со голема сигурност знаеме дека не е биолошка адаптација, туку творба, бидејќи читањето постои прекратко во однос на целата човечка историја. Но тоа не значи дека читањето е бескорисно и обезвреднето, напротив, ваквиот механизам денес е во најголем дел одговорен за образованието и културата на милијарди индивидуи во светот. Веројатно слична ситуација имаме и со музиката.
Без разлика на тоа што музиката има позитивно влијание врз нас, ни нуди утеха и неизмерно задоволство, нејзиното суштествување многу лесно може да се опише со комбинирањето на веќе постоечки еволуциски адаптации, како што се јазикот, аудиторната анализа и локомоторната контрола кои практично сочинуваат совршен пакет на стимули коишто фино влијаат на нашето расположение, нешто што не можете тукутака лесно да го најдете во природата (освен можеби кај човековите вокализации). Според Пинкер, за целосно верификување на оваа хипотеза се потребни дополнителни истражувања.
Левитин поседува речиси дијаметрално спротивно мислење од она на Пинкер. Во неговата книга се разгледува влијанието на музиката врз нашиот мозок, од невролошки, психолошки и когнитивен аспект. Во процесот на перцепција на музиката не се активни само мозочните зони за перцепција на звук, туку и многу други мозочни региони кои се поврзуваат со јазикот, специфичните движења на телото и апаратот за говор, визијата, емоциите, итн. Поради ова, Левитин музиката ја карактеризира како храна, односно гориво за мозокот. Исто така, ги поддржува (речиси) сите искази коишто ја карактеризираат музиката како еволуциска адаптација, посочувајќи го фактот дека, од историски аспект, музиката не е баш скорашна како што е примерот со читањето. Засега, најстарите податоци поврзани со музичките праисториски активности датираат околу 40 илјади години (клик тука) и сосем можно е во иднина да наидеме на нови артефакти кои ќе ја поместат временската граница уште поназад во минатото. Веројатно никогаш нема да дознаеме кога за прв пат се употребил гласот во музички активности. Денес музиката е дел од секоја култура и застапена во текот на целиот живот на луѓето.
Понатаму, во книгата се опишуваат сегменти од музичката теорија и бројни невропсихолошки процеси, а кон нејзиниот крај се критикува и идејата на Пинкер. Според Левитин, исказот на Пинкер дека музиката е само културна творба е погрешна бидејќи музиката наполно ја менува мозочната хемија во сите мозочни делови: мозочното стебло, малиот мозок, средниот мозок, мозочната кора итн. Ваквата силна алтерација на нервниот систем е показател дека музиката е моќен стимул, па следствено на тоа, треба да се остави простор за тоа дека таа можеби е продукт на еволуцијата. Сега, комбинирајте ги периодот на егзистирање на музиката и нејзиното магично влијание врз ментлниот склоп на луѓето и веднаш добивате солидна хипотеза која оди во прилог на адаптивната логика на еволуцијата. Во контекст се споменати и додатни примери, како: улогата на музиката во социјалната кохезија, перцепцијата на музиката кај доенчињата, музиката кај другите животински видови, итн.
Знаеме дека за музичките способности се потребни специфични биолошки предиспозиции и гени, но тоа не ни дава за сигурност да констатираме дека музиката е еволуциска адаптација. Добра вест е дека последниве 10-20 години, истражувањата за оваа проблематика зачестија и полека но сигурно ги донесуваат првите резултати. Во блиска иднина, веројатно во наредните неколку години и декади, ова прашање би требало да наиде на завршница. Без разлика на исходот, музиката продолжува да биде универзална човекова карактеристика која уште долго ќе го прави нашиот живот интересен.

Comments
Post a Comment