Постмодернизмот во музиката: Зошто вистинските музичари исчезнуваат?

Пред приближно една година присуствував на еден исклучителен настап на очевидно млади луѓе за кои дознав дека се студенти на Факултетот за музичка уметност. Нивната изведба на издржани и технички комплицирани популарни нумери беше речиси беспрекорна, синхронизирана, артикулирана, естетски пријатна за моите уши — нешто што од поодамна не сум го доживеал на места од ваков тип. Тогаш се запрашав: како е можно никој претходно, вклучително и јас, да не слушнал за овие млади талентирани лица? Всушност, што се случува со многу млади талентирани луѓе кои во денешнава доба имаат сериозни проблеми да станат „видливи“? По сè изгледа дека ваквиот феномен не е последица на само еден фактор, туку на дузина фактори кои директно или индиректно влијаат на перцепцијата и уважувањето на уметникот, во случајов—професионалните музички изведувачи и композитори. Во овој текст решив да ги издвојам и пишувам за постмодернизмот и влијанието на технологијата во музиката како едни од поважните фактори.

Постмодернизмот е реакција на модернизмот (Broden, 2006). Една од главните карактеристики на постмодернизмот е субјективизмот, мислењето дека не постои објективна и апсолутна вистина и поимањето дека сè околу нас е една голема општествена конструкција. Самиот термин укажува на општествено движење кое се однесува на блиското минато и кое моментално доминира во општествените науки, а неговото силно влијание може да се почувствува и во уметностите, музиката, архитектурата, итн. 

Во однос на музиката, значението на овој термин не е докрај разјаснето. Дали дефинирањето се однесува на временската компонента или пак на естетските вредности, останува извесна енигма. Некои образложенија велат дека овој термин опишува сет на вредности со кои се намамува публиката: дијатоника, лесни певливи мелодии и едноставни ритми (Kramer, 2001). Дел од музиколозите ваквиот концепт го поврзуваат со творештвото на современата генерација на композитори како Стив Рејх и Филип Глас, но јас сепак би се задржал на социјалниот, односно филозофскиот аспект и неговото влијание во музиката.

Постмодернизмот поседува имуност на критичка анализа на стилистичките, естетските и филозофските компоненти во музиката, како и негативен пристап кон нормативните проблеми. Со ваквото раширено сфаќање им се отежнува патот на образуваните изведувачи и композитори да напредуваат, а неретко и се обесхрабруваат. Постмодернизмот е длабоко вкоренет и во младинските струи каде што преовладува мислењето дека талентот и формалното образование слободно може да се фрлат во канта и дека сè што ви е треба е да верувате во себе и во споствената интуиција, како и малку среќа. Мое лично видување е дека ваквиот тренд, паралелно со појавата на најновата софтверска технологија, доведоа до сукцесивно замрување на голем број на жанрови и правци, вклучувајќи ја тука и сериозната музика.

Да не бидам погрешно сфатен, не велам дека технологијата е феномен со исклучиво негативни последици кон музичкото творење, туку дека е мач со две острици. Поствоената ера на технологија и културна продукција во втората половина на 20-ти век има круцијално влијание и значење во начинот на компонирање и изведување музика. Современата технологијата овозможи непречено пребарување и пристапност до секаков вид на музика, што во основа е добра работа. Исто така, најновата технологијата создаде софтверски платформи коишто значително го олеснуваат продуцирањето и репродуцирањето музика. Веројатно токму тука се наоѓа еден од стожерните проблеми со креативноста во музиката, но и уметноста воопшто.

На глобалниот онлајн пазар наидуваме на безброј софтверски алатки, семплови, снимени аудио секвенци и разноразен софтвер кој овозможува брзо и лесно создавање на музика, без притоа да бидат потребни основни предзнаења и искуство. На пример, кај софтверот за компонирање и продуцирање музика Fruity Loops, забележав дека принципот на којшто функционираат параметрите и елементите во програмот се во суштина интересни и тривијално лесни. Ви останува уште да го надградите програмот со пакети со веќе снимени, испродуцирани музички фрази, теми и ритми кои само чекаат да бидат вметнати во програмот и — вие сте на коњ! Но прашањето што се наметнува е: дали навистина тоа ве прави професионален музичар? Не.

Она што сугерирам е дека вистинските музичари (и не е само случајно што така ги нарекувам) суштински се разликуваат од многумина кои се декларираат така. Долгогодишното искуство во музичка теорија, солфеж и вежбање инструмент оставаат длабока трага во мозочното ткиво, особено аудитивниот кортекс (Pantev, et al., 1998). Исто така, за разлика од аматерите, образуваните музичари имаат високо специјализиран и прецизен сензорен систем (Lee, Skoe, Kraus, & Ashley, 2009). Голем дел од денешните „изведувачи“ и „композитори“ сѐ помалку ги користат рацете, нозете и (најважното) мозокот за да создадат богати звучни шеми и музички фрази.

Ваквиот проблем единствено може да се надмине само со подобро спознавање на фактичките случувања во општеството коишто значително би придонеле кон посилна врска со реалноста и вештини да се сортира она што навистина вреди. Можеби музичарите со висок стручен профил не исчезнуваат, туку се „гушат“ во белиот шум предизвикан од постмодернизмот во комбинација со (нај)новата технологија.

Референци:

Broden, T. F. (2006). Postmodernism. In K. Brown, Encyclopedia of Language & Linguistics (pp. 785–794). Elsevier Science. doi:10.1016/B0-08-044854-2/01440-1
Kramer, J. D. (2001). The Nature and Origins of Musical Postmodernism. In J. Lochhead, & J. Auner, Postmodern Music/Postmodern Thought (p. 13). New York: Routlege.
Lee, K. M., Skoe, E., Kraus, N., & Ashley, R. (2009). Selective Subcortical Enhancement of Musical Intervals in Musicians. Journal of Neuroscience, 29(18), 5832-5840. doi:10.1523/JNEUROSCI.6133-08.2009
Pantev, C., Oostenveld, R., Engelien, A., Ross, B., Roberts, L. E., & Hoke, M. (1998). Increased auditory cortical representation in musicians. Nature, 392, 811-814. doi:10.1038/33918

Comments