Една (навистина) кратка приказна за музиката



„Без музика, животот би бил грешка“


— Фридрих Ниче

Славниот диригент Херберт Фон Карајан во една прилика изјавил: „Целта на секој диригент е во способноста да се направи себеси непотребен“. Секако, тоа не значи дека навистина немаме потреба од диригент, напротив, вовлечувањето на диригентот со останатите изведувачи во едно заедничко музичко патување, заедничко музичко дишење и една заедничка визија е начин на кој се инспирираат изведувачите и аудиториумот. На би го надоврзал диригентот Дарко Буторац кој на едноставен начин ја опишува примарната цел на музиката: „Чувствувајќи се инспириран, можете тоа искуство да го понесете и примените во секојдневниот живот и работа. Како резултат, го правиме светот подобро место за живеење“. Би било преголем залак да се даде опис на сета музика, од праисторија до денес во текст каков што е овој, па затоа ќе се задржиме само на неколку клучни сегменти.

Познато е дека музиката се јавувала и се јавува во сите човечки општества, иако постојат неколку индикатори дека музиката до определена мера е присутна и кај други животински видови[1] (Kenneally, 2008). Од невролошки аспект, музиката е интересен стимуланс кој има моќ да активира голем број на кортикални региони, вклучувајќи ги тука сензомоторните системи, социјално-емотивните региони, а веројатно има и голема улога во подобрувањето на функционалноста на меморијата. Од когнитивна перспектива, постојат основани докази дека оние личности кои поседуваат музички вештини обично се придружени со зголемена рационална интелигенција, математички способности и подобрен јазичен развој. Kај новороденчињата, музиката претставува спрега за социјална и емоционална комуникација. Пеењето на приспивни песни е општа појава кај сите култури, а доенчињата претпочитаат милозвучен глас кој произведува пријатни високи тонови (Tan, Pfordesher & Harre, 2010). Кај доенчињата помеѓу 5-24 месеци, се забележуваат моторни движења како последица на аудитивен стимул (музика со нагласен ритам). Ова покажува дека во многу случаи бебињата поефикасно реагираат на музика отколку на зборови.


Голем дел од социјалните и идеолошките групи и подгрупи, манифестациите симптоматично ги отсликуваат во музиката. На пример, реге музиката, (чие име подразбира „парталав“) водена од движењето растафари, има силна и единствена порака за мир и обединување на народите. Патем, растафаријанството подразбира монотеизам, верувањето дека постои еден бог. Оттаму силните пораки како – една љубов, еден живот. Ваквиот филозофски концепт е особено изразен во карактерот на музиката – шаблонски четвртински ритам, едноставни хармонски прогресии и певливи, лирски мелодии. Можеби затоа реге музиката е најпогодна во летни услови, особено кога се наоѓате на некоја раскошна песочна плажа. А верувам дека веќе и самите констатиравте дека Јамајка е океанска земја опкружена со бројни песочни плажи.


Но тоа е музиката во доменот на популарната музика. Доколку навистина сакате да слушнете и испитате музика со вредности кои се достојни за човековата цивилизација, единствен кандидат за тоа е сериозната музика, или општо позната како класична музика. Сериозната музика сама по себе кај индивидуите добива епитет на буквално сериозна, што не е вистина. Од друга страна пак, „класична музика“ не е израз што целосно би прилегал, бидејќи ретроспектира само еден период од музичката историја – класицизмот. Затоа ќе продолжам да ја именувам како сериозна, иако е вистина дека во естетски рамки пристапот е крајно сериозен.

Сериозната музика е создавана со помош на научени композиторски техники и правила искористени по пат на рационално и емоционално расудување. Затоа се вреднува во групата на врвни човечки достигања. Кога ќе слушнете за најплодните мислители и имиња од разни категории и области, во листата задолжително се вбројуваат влијателни личности од музичкиот свет како што се: Јохан Себастијан Бах, Волфганг Амадеус Моцарт, Лудвиг Ван Бетовен, Франц Шуберт, Петар Илич Чајковски, Бела Барток и многу други.

Доколку сакате на потехнички начин да ги објаснам квалитетите на сериозната музика – имајќи во предвид дека текстот го читаат и луѓе кои немаат познавање на музичка теорија – во прилог би направил една интересна аналогија. Пронајдете го решението на 48+12, и решението на 10! (факториел). Се разбира, решението на првиот пример го пресметавте без поголем проблем, но дали веќе го пресметавте решението на вториот пример[2]? За да го добиеме, потребно е повеќе време и вршење на повеќе дополнителни операции. Речиси идентично е и со сериозната музика, таа е далеку посложена во однос на формообразувачките средства, збогатена и естетски комплексна.

Очигледно е дека музиката се издвојува од останатите национални јазици низ светот, всушност, прилично се разликува; но во принцип се основа од исти начела од кои произлегува обичниот јазик (Brown, Martinez & Parsons, 2006). Јазикот ги опишува менталните и психички процеси на човекот, но и музиката исто така. Во обичниот говор користиме сет на правила кои се употребуваат во речиси сите јазични семејства. На пример, кога поставувате прашање, на крајот од реченицата суштествува карактеристичната интонација бележена со прашалниот знак.

Изненадувачки слични (иако не исти) појави имаме и во музиката. Во тоналната музика постои систем, низ на тонови наречени скала од кои секој издвоен тон од скалата се нарекува стапало, потсетувајќи не на физичките скалила во куќите и зградите и бројот на потребни стапки за да ги преминете. Во основната скала, со која повеќето од нас се добро запознаени: до, ре, ми, фа, сол, ла, си, до — имаме 8 стапала, односно седум и едно повторено. Во таа група имаме т.н. стабилни и нестабилни стапала. Стабилните стапала допринесуваат за спокој во музичката прогресија, додека нестабилните стапала донесуваат крутост и напнатост. Во класичната хармонија, нестабилните стапала и акорди имаат психолошка потреба да се разрешат во стабилни, слично како крајот на прашалната реченица.

Гледано од музички агол, кога поставуваме прашање, започнуваме од основен тон и реченицата често ја завршуваме на доминанта, односно прашалник. Доминантата сама по себе бара разрешување, поради што разрешувањето – односно одговорот – го очекуваме во периодот што следи. Очигледно дека нашите мозоци не прават голема структурна разлика помеѓу јазикот и музиката, но, тоа не веднаш значи дека музиката е јазик како останатите, туку само навидум јазик со поинаков начин на изразување и поинакво значење на информативните содржини.

Во процесот на слушање на музика се вклучени комплексни емоционални механизми. Кога изразуваме гнев, нашето срце забрзува, хормоните како што е кортизолот се лачат повеќе од нормално. Висината и интензитетот на гласните жици се наголемуваат, телото мускулно се згрчува и контрахира, и аналогно на тоа ние манифестираме гнев. Истото се случува и во музиката, а еден добар пример од секојдневието е хип-хоп музиката.

Пред да бидат дел од комерцијални цели, хип-хоп музиката и особено рапот, во самите зачетоци биле одраз на протест и гнев. Афроамериканците чувствувале обесправеност и незадоволство од положбата и третирањето во американското општество, па затоа извеле нов механизам на музичко изразување во кое е исклучено фигурирањето на мелодиска линија. Мелодијата во принцип изразувала утврдена емоционална состојба како што е тагата и стравот, радоста и среќата, но немала доволно капацитет да изрази емоција како што е гневот. Затоа се јавила потребата од антимелодија т.е. рап, изразен преку нагласена ритмика и игра на зборови.

Во моментите кога изразуваме радост, полет и среќа, резултатот е обратно пропорционален од оној за гневот. Говорот на телото и гласот се наизменично интензивни, но со извесен ред и едноставност во експресијата. Пример за едно такво музичко изразување е добро познатата Моцартова „Мала ноќна музика“. Во состојба на спокојство пак, говориме стабилно, течно, со многу слеаност на слоговите и интонацијата. Еден од најголемите композитори на сите времиња (ако не и најголем), Јохан Себастијан Бах, ненадминливо го претставил спокојството во многу дела. Како пример би го навел последниот дел од неговата позната кантата „Срце и уста и дело и живот“. Во композицијата преовладува стабилен тоналитет, со благи отстапувања во блиски тоналитети, распеана и широка мелодија попратена со едноставна хармонска хорска фактура.



Тагата е несомнено честа појава кај сите луѓе. Оние што интензивно тагуваат, многупати појавата ја изразуваат преку плач. Плачот е универзална гестикулација која сигнализира болка и жалост — не следи од самото раѓање па речиси до крајот на животот. Кога го реализираме, сите правиме мелизми и хроматски прогресии изразени преку гласните жици. Водени од тој принцип, способни сме да ја препознаеме и утврдиме тагата во музиката. Тажната музика содржи мелодии и хармонии зачинети со многу задржани тонови, скокови и хроматика. Доволно е само да го слушнете почетокот на прекрасната увертира во познатата опера „Тристан и Изолда“ на германскиот композитор од втората половина на IXX век, Рихард Вагнер. Уште во првите моменти ќе насетите длабока тага и депресија, бесконечност на мелодијата заглавена во времето, како целиот свет да се срушил.


Веројатно најинтересен факт е дека тажната или радосната музика, всушност, не е сама по себе тажна или радосна, туку ние така ја интерпретираме во нашата свест, бидејќи музиката во суштина не носи утврдена емоционална порака.

Развојот на музиката, исто така е дел од една голема незапирлива музичка еволуција. Многупати дузина музички педагози и музиколози повторувале дека без Хендл, не би бил Моцарт, без Хендел и Моцарт, не би бил Бетовен итн., индицирајќи на музичкиот пат кој постепено и бавно се развивал и трансформирал од раното човечко општество, па сè до денес. Навистина, своевидна еволуција постои и во музиката и истата помалку или повеќе наликува на биолошката.

Во моментот, најстарите докази што укажуваат на користењето на примитивни инструменти од страна на луѓето, се донесени од група истражувачи водени од страна на професорот Томас Хајем од Оксфордскиот универзитет на одделот за археологија. Според исказите, инструментите надминувале старост од 40 илјади години, а биле направени од птичји и мамутски коски во вид на примитивни флејти. Иако тоа се најстарите податоци кои упатуваат на фактот дека луѓето практикувале музика од дамнешни времиња, никој не е сосем сигурен кога започнува користењето на најстариот природен инструмент којшто човекот го имал на располагање – гласот. Најверојатно отсекогаш. Оттогаш па наваму, музиката станала фундаментален конститутивен елемент од човековото постоење.


Во античкиот период исто така пронаоѓаме податоци за постоење на музички инструменти. Сите антички цивилизации, вклучувајќи ги Египќаните и Африка како континент, Кинезите и Азија, Маите и Америка, Грците и Европа, имале една заедничка појава – пентатонската скала. Иако постело тешкотија да се утврди нејзиното суштествување во пишаните артефакти, оваа скала сме успеале да ја одредиме според видот на инструменти пронајдени во ископините. Впрочем, уште позастрашувачки се изгледите дека сите цивилизации се користеле со истите пет ноти (со поголеми или помали варијации во интонацијата). Доколку поседувате пијано, хармоника, синтисајзер, или барем во најмала рака мелодика, пентатонската скала лесно може да ја пронајдете со притискање на исклучиво црните клавиши по должината на клавијатурата.


Со време, многу култури и народи почнале да користат повеќе од пет ноти. Но, за да покаже дека бројот на елементи (ноти) не е секогаш пресуден во едно дело, еден од највлијателните композитори на XX век, Ѓорѓ Лигети, во 1953 година го напишал делото „Musica Ricercata“, составено од единаесет делови, од кои секој со различен број на елементи, односно ноти. Почнувајќи од првата пиеса која вклучувала само два одбрани тонови и завршувајќи со единаесеттата која ги вклучувала сите дванаесет тонови од хроматската скала[3].


Иако денес се сретнуваме со истите дванаесет тонови во скоро секој сегмент од музичкото творештво, неколку композитори како Пјер Булез и Албан Берг направиле обид за расчленување на дванаесет тонскиот систем на уште помала интонациска целина. Ваквиот музички пристап бил наречен четврттонска музика. Сè што треба да направите е да ги пресметате фреквенциите на секој тон од дванаесет тонскиот систем, потоа да ја пресметате средната вредност на фреквенциите помеѓу два тонови. Една низа, наместо познатите 12 тонови, сега ќе поседува 24 тонови. Поделете ги и нив на половина, добивате низа од 48 тонови и така процесот може да го повторувате до бесконечност. Етапното делење на фреквенциите на тоновите станува непотребно и банално. Секоја низа со завиден збир на тонови – да речеме стотина, не би направила посебна забележителна перцептивна разлика кога во редослед ќе се изведат неколку тонови. Во дванаесет тонскиот систем разликата помеѓу секој од тоновите е повеќе од воочлива.


По падот на Римската империја, па сè до ерата на барокот, рамката на овој релативно долг временски период била исклучително разновидна, опфаќајќи повеќе културни традиции во широки географски области. Особено се истакнале групите од средновековна Европа под влијанието на римокатоличката црква чија музика (со акцент на вокалната изведба) делотворно се развивала во наредните илјада години. Во овој период, мелодијата претставува главно изразно средство.


Мелодијата е веројатно најосновната и според зборовите на австрискиот композитор Арнолд Шенбег — „најпримитивна изразна форма во музиката“. Раната средновековна музика не користела никаков систем за запишување на мелодиските линии. Едногласните мелодии, познати уште како и Грегоријански корали (именувани по папата Гргур втори), биле пренесувани усно од една личност на друга. Сепак, овој вид на зачувување на мелодиските линии станал проблематичен, особено кога имало потреба мисите да се пренесуваат на големи растојанија. Прв чекор за надминување на овој проблем било воведувањето на интонациски систем на знаци напишани над текстот на мисата, наречени невми. Со разработувањето на овој модел, независно од вообичаениот текст, постепено се развила невматска нотација, која понатаму требала да почека уште дополнителни пет векови да еволуира во современата флексибилна нотација со која се среќаваме денес. Тоа бил моментот на креација на еден нов јазик. Јазикот кој претходно бил применуван од многу култури и народи, конечно добил сопствена азбука.

Споредба меѓу современото нотно писмо и невматското писмо.
Кога конечно сме сковале механизам за запишување и зачувување на музичкото творештво, музиката преминала од едногласие во паралелно полифоно[4] пеење од два гласа, претежно во чисти кварти и квинти познато како органум. Музиката постепено еволуирала во сè посложена структура, со повеќе гласови и интервали кои биле преточени во новите музички форми од XIII век – мотет, дискант, кондуктус и други. Тоа пак довело до зародувањето на ренесансната музика во XIV век во северна Италија. До средината на XV век музичката дејност постепено почнала да се прелива во останатите земји од Европа предводувајќи развој на нови музички форми. Тоа бездруго било возбудливо време за музиката, но и за уметноста воопшто. Наеднаш никнале голем број на помодни генерации на композитори како Јоханес Окегем, Јаков Обрехт, Жоскин Де Пре, и конечно, највлијателниот композитор во Европа од XVI век – Џовани Перлуиџи Да Палестрина, како кулминација на ренесансната музичка полифонија. Кон самиот крај на ренесансната ера, се појавува името на Клаудио Монтеверди, еден од најзначајните иноватори и револуционери кој го поставува мостот кон барокниот музички стил.


Во средновековната музика генерално се користеле староцрквени скали, кои подоцна, некаде пред барокниот и во барокниот период резултирале во стабилен модален систем наречен дур-мол, кој останува во употреба до денес, особено во популарната музика.

Конечно инструменталната музика надвладеела и станала доминантна во ерата на барокот помеѓу 1600 и 1750 година. Зборот барок — што во превод значи бисер, буквално се пресликал и во уметноста, особено во музиката богата со орнаменти, изразена моторика и динамичност. Барокниот музички стил го предводеле три извонредни композитори: Јохан Себастијан Бах, Георг Фридрих Хендл и Антонио Вивалди.


Паралелно со измените и надградувањето на музичката нотација, се развиле нови инструментални техники при изведување. Оркестарската музика постепено добивала на значење пред големиот налет на класичниот период. За разлика од Барокот во кој преовладува полифонична текстура со јавување на повеќе самостојни мелодии истовремено, класичниот период (средината XVIII век и почеток на XIX век) претежно се карактеризира со хомофонично ткиво т.е. мелодија со придружба (пр. вокал и придружба на гитара).

Се развиваат големи и популарни инструментални форми како што се концертите, симфонијата и вокално-инструменталните форми како операта. Типичната големина на оркестарот се наголемува а инструментариумот се збогатува со нови инструменти за изведба. Како најистакнати претставници од овој период се издвојуваат Јозеф Хајдн, Волфганг Амадеус Моцарт и Лудвиг Ван Бетовен.


Бетовен, кој постепено го означил патот кон романтичната ера, дефинитивно претставува најневеројатната личност за која сум имал можност да научам. Мизантроп, крајно сенилен и вистински гениј. Во неговото творештво ќе наидете на бескрајно страсна и длабоко емотивна музика, нешто што отсуствувало во неговата секојдневна физичка манифестација. Иако поминал низ вистински пекол, преку физичкото малтретирање на неговиот татко од периодот на детството па сè до разочарувањата во љубовта во подоцнежниот период од животот, музиката непоколебливо продолжила да свири во неговата глава. Можеби затоа не е изненадување дека тој го сметал светот за опасно место каде доверба не треба да се доверува никому.


Потоа следеле проблемите со внукот Карл Бетовен, кои кулминирале со обидот за самоубиство на Карл, кој чувствувал очајна потреба и нужност да го напушти својот неподнослив вујко. И покрај сите несреќи, на 54 години, целосно глув и соочен со мизерното секојдневие, се дрзнува да го напише врвното оптимистичко дело – Симфонија бр.9 – општо познато како „Ода на радоста“. Можеби најпознатото дело во историјата на музиката. Револуционерно било што за прв пат во историјата се користеле хор и солисти во ваков тип на форма. Во финалето на композицијата Бетовен ги вметнал зборовите на поетот Фридрих Шилер кои повикуваат на единство и братство помеѓу сите народи во светот. Во една интересна прилика, Бетовен на својствен и (веројатно) дрзок начин му се обратил на кнезот Лихновски: „Кнезу, вие вашата титула ја стекнавте од самото раѓање, а јас својата со макотрпна работа и труд. Кнезови имало и ќе има, додека Бетовен е само еден“. Бетовен, заедно со Роберт Шуман биле врската помеѓу класичниот и романтичниот период во почетокот на XIX век.


Романтизмот навлегол во интелектуалното, книжевното и уметничкото движење како еден вид реакција на научната рационализација. Во овој период музиката станува значително емотивно изразена со проширено суштествување на тоналитетот, како и драматичното зголемување на обемот на оркестарот. Бројот на нови композитори нагло нараснал во стотици, а меѓу најистакнатите се: Франц Шуберт, Роберт Шуман, Фредерик Шопен, Франц Лист, Феликс Менделсон, Рихард Вагнер, Ѓузепе Верди, Беджих Сметана, Жорж Бизе, Јоханес Брамс, Петар Илич Чајковски, Јохан Штраус, кои се само мал дел од творечката музичка сила на XIX век.


Конечно, XX век донел промени но и слобода во дистрибуирањето на музиката како никогаш дотогаш. Најпрвин, технологијата овозможила снимање и репродуцирање на звук. Музиката станува лесно пренослива преку медиуми како што се плочите, касетите, компакт дисковите, а во најново време со појавата на дигиталната дистрибуција, сè што ви треба е малку простор во меморијата на вашиот телефон, таблет или компјутер. 

Истовремено се појавуваат голем број на музички методи, техники, правци и жанрови: импресионизам, доцен романтизам, џез и популарна музика, експресионизам, атонална музика, додекафонија, серијализам, конкретна музика, електроакустична музика, минимализам, спектрализам, сонорна музика, микрополифонија, алеаторика, постминимализам и така натаму во недоглед.




Што и да се случи во меѓувреме со човечката цивилизација, знаеме дека музиката со сигурност ќе продолжи да постои уште барем милијарда години. Дел од она што сме го твореле се наоѓа на позлатените бакарни плочи во сондите Војаџер 1 и 2. Иако шансите овие летала да завршат во рацете на некоја потенцијално интелегентна цивилизација се минимални, милијарда години се доволно време да завртат барем 4 круга околу Млечниот Пат. Можеби затоа не би ја отфрлил целосно ваквата можност. Тогаш, се наметнува прашањето: што ќе се случи доколку во далечна иднина плочите од Војаџер бидат пронајдени и анализирани од страна на некоја вонземска интелигенција? Дали во тој момент музиката би била нешто „нормално“ и „универзално“ како што е за нас? Стравински? Музиката од Перу, или можеби Вили Џонсон? Дали друга цивилизација би го препознала потписот што Бах го оставил во форма на музички ноти (b, a, c, h) во последниот дел од делото „Уметност на фугата“? Малку веројатно. Но математичките својства на музиката и математиката како универзален јазик сигурно ќе придонесат за препознавање на одредени шеми кои би биле заеднички и за едните и за другите.


_____________________________

[1] Китовите, на пример, користат голем број на музички концепти содржани во човековата музика, вклучувајќи слична ритмика, мелодиски фрази, дури и слична музичка структура. Овие сличности, како што велат писателите на наука, се неоспорен доказ дека овие прекрасни морски цицачи се упорити композитори.

[2] Факториел (!) е операција којашто неретко се користи за сметање на бројот на пермутации на определен број на елементи во едно множество. На пример: 3!=3∙2∙1=3, па така: 10!=10∙9∙8∙7∙6∙5∙4∙3∙2∙1=3 628 800.

[3] Генерално, музичката скала претставува низ на тонови. Имаме дијатонска, односно дур-молска скала (составена од цели и полустепени), која главно вклучува седум тонови во рамките на една октава, и хроматска скала (составена исклучиво од полустепени), која ги вклучува сите дванаесет тонови од една октава.

[4] Полифонија (грч. поли – повеќе, фон – глас) – во буквален превод – повеќегласје, каде што имаме истовремено звучење на две или повеќе независни мелодиски линии, кои истовремено градат и хармонска (вертикална) структура.

Comments