Јазикот и музиката

Една изречена мисла на светски познатиот научник Стивен Хокинг вели: „Милиони години човештвото живееше како останатите животни. Тогаш, нешто се случи, нешто што ја ослободи моќта на нашата фантазија. Научивме да говориме и слушаме“[1]. Говорот е веројатно најважната еволутивна придобивка на човештвото. Впрочем, говорот претставува реализација на јазикот преку вокална форма на комуникација, односно акт на разменување на информации со помош на артикулирани звуци. Иако јазикот е несомнено деликатен термин за дефинирање, сепак, во основата тој е комуникациски систем којшто ги изразува менталните психички процеси на човекот. Во говорот користиме правила кои се застапени во речиси сите јазични семејства, а изненадувачки слични појави, иако, не исти, имаме и во музиката (табела 1).

Табела 1. Споредување на основните карактеристики на јазикот и музиката.

Јазик
Музика
Звучни единици
Фонеми
Тонови
Вокабулар
Букви
Ноти
Структура
Морфеми, зборови, фрази, реченици, параграфи, текст.
Субмотиви, мотиви, фрази, реченици, периоди, композиција.
Интерпретација
Зборови или реченици кои имаат исто значење за сите луѓе.
Фрази и реченици кои може да пренесуваат различно значење кај различни луѓе.

Когнитивниот психолог, Стивен Пинкер, во својата книга „How the mind works“[2], ја карактеризира музиката како аудитивен чизкејк, вкусен десерт, но, од еволуциски аспект, само последица на јазикот. Според Пинкер, не сме еволуирале да обожуваме специфично чизкејк, напротив, нашите гладни предци имале непресушен стрв кон храна богата со калории и јаглехидрати. Во тој контекст, ја обожуваме музиката бидејќи влијае на одредени чувствителни точки од мозокот коишто позитивно влијаат врз нашето емотивно расположение. Па така, музикалноста наместо да биде продукт на еволуцијата, веројатно е само карактеристика која ја преживеала природната селекција со цел да го стимулира развојот на нашите ментални способности[3].

Емпирична поткрепа за сличните аспекти на јазикот и музиката дава истражувањето кое вклучува Позитрон Емисиона Томографија (ПЕТ), односно снимања на ткивата кои емитираат позитрони (позитивно наелектризирани честички)[4]. Учесниците во експериментот (5 мажи и 5 жени) имале за задача да говорат, а потоа и да импровизираат мелодиски линии. Резултатите покажале дека обете, говорните и мелодиските фрази предизвикале речиси идентична активација на неколку региони од мозокот: примарниот моторен кортекс, суплементарната моторна област, базалните ганглии, брокиното поле, фронталната инсулата, примарниот и секундарниот аудитивен кортекс, темпоралниот пол, вентралниот таламус и постериорниот  мал мозок (слика 1).

Слика 1. Секоја мозочна активација е кодирана со соодветна боја: говорот со сина, мелодијата со црвена и заедничкото меѓу говорот и мелодијата со бледосина. Ознаката „z“ претставува вертикална оска која се однесува на анатомското лоцирање на деловите на мозокот, од нагоре па надолу изразено во милиметри.
Сите набројани региони учествуваат во функција на повеќе процеси кои се однесуваат на контролата на мускулните движења во говорот, формирањето на зборовите, слушањето и процесирањето на аудитивните информации, емоциите и сложената моторна координација на движењата. Освен заедничките, на приказот се лоцирани и регионите со различни карактеристики – особено во начинот на процесирање на информативните содржини кај говорот и мелодиите.

И покрај разликите, наодите генерално ги поддржуваат заедничките карактеристики на јазикот и музиката. Очигледно дека нашите мозоци не прават голема структурна разлика меѓу нив, но, тоа не веднаш значи дека музиката е јазик како останатите, туку навидум јазик со поинаков начин на изразување и поинакво значење на семантичките информативни содржини.

Термини:
Примарен моторен кортекс – чија функција е да произведува нервни импулси кои се пренесуваат во рбетниот мозок и ги контролира мускулните движењата. Исто така, го контролира и апаратот за говор. 
Суплементарна моторна област – чија функција е да произведува нервни импулси кои се однесуваат на сложени видови на движења.
Базални ганглии – учествуваат во функционирањето на повеќе моторни и психички процеси, меѓу кои и реакциите поврзани со гестикулацијата и мимиките.
Брокино поле – претставува нервна мрежа за формирање на зборови.
Фрoнтална инсула – се поврзува со процесот на слушање.
Примарен и секундарен аудитивен кортекс – регион од темпоралниот лоб којшто ги процесира аудитивните информации.
Темпорален пол – дел од темпоралниот лоб којшто се поврзува со контролирањето на слухот, меморијата и емоциите.
Вентрален таламус – (познат и како субталамус) е дел од таламусното јадро чија функција е да пренесува импулси од сензорни и моторни неврони до кората на големиот мозок. Се поврзува со регулирањето на свесноста, сонот и будноста.
Постериорен мал мозок – игра важна улога во сложената моторна координација на движењата.
*Благодарност до тимот на „Наука за сите“ за коригирањето на специфични делови од текстот.





[1] Stephen Hawking. Keep Talking. (British Telecom 1993, Pink Floyd 1994).
[2] Pinker, S. (1997). How the Mind Works. New York: W. W. Norton & Company.
[3] Honing, H. (2013). Musical Cognition. A Science of Listening. New Brunswick, N.J.: Transaction Publishers.
[4] Brown, Steven; Martinez, Michael J.; Parsons, Lawrence M. (2006). Music and language side by side in the brain: A PET study of the generation of melodies and sentences. European Journal of Neuroscience. 23 (10): 2791–803. doi:10.1111/j.1460-9568.2006.04785.x

Comments