Музиката и фреквенцијата 432 Hz


Написот оригинално е објавен и подложен на ревизија од страна на тимот на едукативниот проект Наука за сите. Посетете ја нивната официјална веб страна и запознајте се со други интересни содржини од разни домени на науката.


Последниве неколку години на повеќе сајтови и блогови се појавија интересни информации поврзани со фреквенцијата 432 Hz и нејзината улога во музиката. За што точно станува збор?

Во музиката отсекогаш постоела фиксна, стандардна фреквенција (меѓу музичарите позната како камертон), која понатаму претставува појдовна точка за висината на останатите тонови и штимот на инструментите. Фотографијата горе е направена за време на воведниот дел од часот по наставниот предмет oркестар, каде инструментите се штимаат со помош на електронски штимер, пијано или друг референтен инструмент . Во денешната музика, тонската емисија се заснова на стандардната фреквенција од 440 Hz (прифатена како стандард во 1955 година, а реафирмирана подоцна во 1975 година [1]), којашто соодвестува на тонот „a“ од првата октава:
Низ историјата, ваквата појдовна фреквенција постојано варирала, со тенденција на постепено повишување. Од психолошки аспект, пониската фреквенција придонесува за порелаксиран карактер на музиката, и обратно, повисоката фреквенција ја прави музиката да звучи блескаво и потензично. Иако денес фреквенцијата 440 Hz е своевиден стандард во музика, многу композитори, музички групи и култури го менуваат штимот во зависност од потребите.

Но што точно ја прави фреквенцијата 432 Hz посебна? Излегува дека е фаворизирана поради три клучни причини:
  1. Таа е наводно во склад со вибрационата природа на универзумот;
  2. Фреквенцијата 440 Hz наводно води кон стрес, агресија и антисоцијално однесување;
  3. Фреквенцијата 432 Hz наводно ја менува/подобрува структурата на ДНК и лекува.
Најпрвин, важно е да се напомене дека во науката не постои конвенција формулирана како “вибрациона природа на универзумот“. Сè што вибрира, во било која форма и фреквенција, е дел од природата.

Во поглед на втората точка, констатирано е дека фреквенцијата 440 Hz не е антисоцијална и агресивна. Истражувачот и професорот по акустично инженерство, Тревор Кокс, при универзитетот во Салфорд, направил веб истражување во кое се тестира хипотезата поврзана со подесувањето на висината на инструментите на повеќе зададени фреквенции (416, 424, 432, 440, 448, 456 и 465 Hz). Луѓето имале за задача да преслушуваат повеќе аудио примери во пар, каде секој слушател можел да избира една од две дадени фреквенции. Резултатите од истражувањето покажале дека фреквенциите 432 Hz и 440 Hz биле еднакво оценети, без сигнификантна разлика во бројките.

Слика 1. Средната вредност се однесува на еднаквата преференција помеѓу две фреквенции.

Резултатите над средната вредност укажуваат на фреквенцијата која била повеќе претпочитана. Покажано е дека промената на фреквенцијата на дадена музика има значаен ефект кај луѓето (статистички потврдено со помош на Kruskal-Wallis test [2], p < 0.001). Подесувањето на музиката кон повисока фреквенција ја прави музиката непријатна за уво (Mann-Whitney U test [3], p < 0.03), додека подесувањето на музиката кон пониска фреквенција не прави особена разлика.

Третиот исказ вели дека фреквенцијата 432 Hz ја подобрува човековата ДНК и лекува. Ова е навистина загрижувачки, бидејќи неинформираноста и наивноста на луѓето може намерно (или ненамерно) да бидат искористени. На пример, постои музички сервис наречен 528records кој за цел има да продава музика конвертирана на 432 Hz, или пак, композитори кои се обидуваат да го искористат ваквиот механизам и да профитираат. 

Официјално, сè уште не постојат спроведени релевантни истражувања и податоци кои би биле во полза на ваквите тврдења. Доколку се појават, јас ќе бидам првиот што ќе ги документира и објави на овој блог.

Иако засега изборот на фреквенција останува арбитрарен, без никакви грижи слободно може да им се препуштиме и на оние парчиња музика штелувани на стандардните 440 Hz.


1. International Organization for Standardization: http://www.iso.org/iso/iso_catalogue/catalogue_tc/catalogue_detail.htm?csnumber=3601

2. Kruskal, W. H., & Wallis, W. A. (1952). Use of ranks in one-criterion variance analysis. Journal of the American Statistical Association 47(260), 583–621. doi:10.1080/01621459.1952.10483441

3. Mann, H. B., & Whitney, D. R. (1947). On a test of whether one of two random variables is stochastically larger than the other. Annals of Mathematical Statistics 18, 50–60. doi:10.1214/aoms/1177730491

Comments