Потеклото на музиката: транформативната технологија на Пател и мемовите на Докинс (втор дел)

Во првиот дел се обидов да ги рефлектирам ставовите на две еминентни имиња од науката:  Стивен Пинкер и Даниел Левитин, чии гледишта драстично се разликуваат кога станува збор за потеклото на музиката и нејзиниот статус во однос на нејзиното еволуциско потекло. Пред да продолжите со читање, за да бидат работите појасни, најпрвин би предложил да кликнете на линкот погоре, а дури потоа да му се вратите на текстот тука во кој ќе приложам дополнителни алтернативни хипотези за потеклото на музиката, како и изнесување на личен став за проблематиката.

Музиката можеби е дел еволуциската логика на биологијата, но проблемот со ваквиот исказ е илустриран во друг сличен пронајдок на човештвото – огнот. Огнот бил дел од сите култури и народи во светот, па сепак, експертите од биолошките науки се уверени дека не станува збор за еволуциска адаптација, туку за случајно откритие. И тоа откритие кое ги изменило нашите животи од корен: можноста за гледање во темнина, топлина во непогодни услови, како и готвена храна. Готвењето е есенцијално за нашиот вид, бидејќи се верува дека термички обработената храна придонела за ко-еволутивни промени во физиологијата, особено во мозочните и когнитивните функции кај праисториските луѓе (Richard & Carmody, 2010). Имено, готвената храна е делумно дигестирана со што се олеснува процесот на разложување во дигестивниот тракт, а се подобрува метаболичката енергија и се пренасочува во хранење на другите делови од организмот, а меѓу нив и мозокот. Можеби слична ситуација имаме и со музиката која го „храни“ мозокот и ги калибрира когнитивните способности.

Солидна хипотеза има поставено истражувачот Анируд Пател којшто музиката ја карактеризира како трансформативна технологија на умот (Patel A. D., 2008). По мое видување, оваа хипотеза е една од најдобрите, пред сѐ поради флексибилноста и потенцијалот во целост да го опише потеклото на музика. Според Пател, музиката претставува случајно откритие кое понатаму одиграло бројни важни ролји во развојот на други феномени како половата селекција, социјалната кохезија, родителската грижа, когнитивниот развој, а во поново време е вклучена и во медицинската терапија.

Прашањето е: кои се шансите музиката да се појави тукутака „случајно“ и потоа грижливо да се негува низ многуте милениуми? Се чини дека единственото рационално објаснување е само во случајот кога станува збор за еволуциска адаптација. Сепак, одговорот можеби лежи во вродената способност на луѓето да прават имитации на говорните фрази, мелодиите и останатите културни и технолошки иновации. Преку ваквото имитирање, информациите биле сочувани и пренесувани од поколение на поколение, а последицата е појава на човековата култура.

Реномираниот биолог Ричард Докинс во неговата влијателна книга The Selfish Gene од 1977 година, го сковал познатиот термин мем (англиски: meme) којшто давал доста солидно објаснение за појавата на ваквите случајни откритија како што е музиката и причината за нејзиното долготрајно егзистирање. Овој неологизам ја опишува појавата на нови идеи и кованици кои имаат заразно и скокотливо дејство врз менталниот склоп и кои понатаму рапидно се пренесуваат од индивидуа на индивидуа и се трансмитираат во општеството во вид на вирус. Ваквото својство на вирус кој брзо се шири потсетува на гените кои исто така се реплицираат себеси со цел да се зачуваат.

Всушност аналогијата со гените и еволуцијата е неверојатно слична, бидејќи само определен број на добри, корисни и интересни идеи успеваат да опстанат. За да ги илустрираме ваквите појави може да се потсетиме на заразните рефрени од популарната музика како примерот со Yellow Submarine на Битлси, или, кај сериозната музика, воведниот дел на Мала ноќна музика од В. А. Моцарт. Истиот концепт е апликативен и во други културни домени: мода, јазик, храна и многу други манифестации на човековиот интелект. Според Докинс, мемот претставува основна единица за зачувување на идеите и културното наследство. Можеби токму ова е една од главните причини поради која музиката опстојува зачудувачки долго.


Моето лично согледување на оваа комплексна проблематика е дека музиката најверојатно не е биолошка адаптација. Заклучокот доаѓа од неколку трудови од областа на психологијата и естетиката (Dissanayake, 1988), но и поради тоа што кај луѓето не постои таканаречен „музички ген“—напротив, во процесот се вклучени поголем број на гени дистрибуирани во секвенците на ДНК (Oikkonen, Onkamo, Järvelä, & Kanduri, 2016). Секој од нив игра мала улога во акумулацијата на нашите предиспозиции за совладување на оваа комплексна уметничка област.

Да замислиме дека од утре па натаму музиката одненадеж мистериозно исчезнува. Ќе се согласиме дека светот за нијанса ќе се претвори во едно сиво и подосадно место, но во принцип, животот ќе си продолжи понатаму без поголеми проблеми. Доколку истото им се случи на говорот, јазикот, неокортексот или на некоја друга биолошка адаптација, тогаш во истиот момент се враќаме во арбореалната средина на приматите и нашите далечни предци. Во тој случај, нема да се разликуваме значително од нашите блиски роднини - шимпанзата. Би ја цитирал македонската композиторка Дарија Андовска која вели дека музиката треба „да ги пренесе оние чувства, мисли, слики, за кои зборовите не се доволни“, мисла аналогна на Пинкеровото верување дека музиката е еден вид „продолжена рака“ на јазикот.

Во меѓувреме, доколку навистина се утврди и покаже дека музиката е дел од адаптивната логика во биологијата, би бил пресреќен да пишувам за тоа во некој нареден напис. Но, потврдувањето на спротивното, пак, не би било неопходно лоша вест бидејќи тоа не го менува нашето поимање и уживање во заразните мелодиски фрази.

Comments