Потеклото на музиката: Музиката како еволуциска адаптација (трет дел)

Во текстот што претстои ќе ги разгледаме природата и потеклото на човековата музикалност и хипотезите кои ја карактеризираат музиката како еволуциска адаптација. Постојат најразлични толкувања и претпоставки од коишто ќе издвоиме три позначајни: полова селекција, родителска инвестиција и социјална кохезија.

Полова селекција 

Дарвиновата теорија со себе носи два клучни концепти: природна селекција и полова селекција. Дарвин дошол до заклучок дека освен физичките карактеристики, видовите животни (меѓу кои и луѓето) имаат специфични шеми на однесување. Половата селекција се однесува на лицата со маркантни особини со кои привлекуваат партнери и притоа остваруваат репродуктивен успех. Според Дарвин, овој концепт е круцијален кога станува збор за музиката. Во неговата книга Потеклото на човекот, Дарвин прави аналогија меѓу птиците и луѓето каде што музиката се карактеризира како средство за заведување и покажување атрибути коишто евентуално би резултирале со привлекување на потенцијални партнери.

На пример, постојат солидни докази кои покажуваат дека способноста за пеење песни кај птиците од машкиот пол ги зголемува шансите за привлекување партнери од женски пол (Reid, et al., 2005). Постојат и други научни искази кои аналогијата помеѓу птиците и луѓето ја оценуваат позитивно (Miller G., 2000). Според еволуцискиот психолог, Џефри Милер, музиката не е само збир на звуци кои се реат во етерот. Тие се емитирани од страна на едни индивидуи кон други, сигнали коишто може да значително да влијаат врз лицата што ги примаат. Според Милер, целта е да се покажат музичките атрибути и да се сигнализира висока адаптивна вредност т.е. здравје. На пример, музиката на популарниот состав Битлси надалеку се слушала и извршила огромно влијание преку изведба на стотици концерти и стотици милиони продадени плочи. Исто така, многу веројатно е дека нивната музика и популарност допринеле и за многубројните сексуални врски, а паралелно со тоа и зголемување на шансите за пренесување на генетскиот материјал на следните генерации. Или пак Џими Хендрикс, кој практикувал редовни сексуални односи, одржувал долготрајни врски со најмалку две жени одеднаш и за кој се верува дека е татко на барем три деца во САД, Германија и Шведска. Во овој контекст разумно е да се констатира дека талентот за музика значително ги зголемува шансите за воспоставување на најмалку една, а во многу случаи и бројни љубовни врски.

Иако идејата за сличностите помеѓу луѓето и птиците се чини доста логична, сепак постојат одредени пропусти околу ваквото гледиште. Некои видови птици пеат само во точно утврдени делови од годината, односно напролет (Nakao, et al., 2008). Со зголемувањето на денот, птиците претрпуваат неврални и хормонски промени во организмот, а како резултат на тоа започнуваат со пеење и потрага по партнери. Не можеме да констатираме дека истото се случува и со луѓето. Ние музиката ја практикуваме во најразновидни околности—од пеење под туш до одење на концерт на сериозна музика.

Сепак, неоспорен факт е дека лицето со музички вештини со сигурност добива извесна предност пред останатите кога станува збор за сексуалните врски. Спроведени се понови истражувања (Charlton, 2014Marin, Schober, Gingras, & Leder, 2017) чии резултати даваат поддршка за функцијата на музиката во половата селекција, каде што жените за време на овулацијата претпочитале компетентни композитори како краткорочни партнери.

Родителска инвестиција 

Друга можност се отвора со разгледување на прашањето поврзано со родителската грижа, односно релацијата родител-бебе и пеењето на песни. Терминот „родителска инвестиција“ потекнува од 70-тите години на XX век и има за цел да ги опише процесите на грижа и нега на родителите кон своите потомци (Trivers, 1972). Генерално, во животинското царство важи правилото дека колку повеќе новороденчињата донесува мајката, дотолку помалку се инвестира во секое од нив (Workman & Reader, 2008). Обично малите организми како сплесканите црви изведуваат милиони невидливи потомства, но воопшто не инвестираат. Кај вишите организми имаме обратна ситуација. На пример, женките шимпанза раѓаат еднаш на 4-5 години и пружаат грижа и нега отприлика исто толку.

Слична е приказната со луѓето. Мајките обично донесуваат по едно новороденче. Тие поминуваат повеќе време и вложуваат повеќе напори за нормален развој на бебињата поради процесите на гестација, лактација и општа нега. Непосредно по раѓањето, мозокот на бебињата изнесува приближно 12 проценти од целокупната телесна маса. Потребни се барем шест години за да се добие приближната вредност од 2 проценти од целокупната телесна маса. Од еволуциски аспект, новороденчињата бараат исцрпно и долготрајно инвестирање во ресурси и внимание, бидејќи имаат неразвиен мозок и осамнувале беспомошни.

Зборувањето, пеењето и нежните галења се трите основни комуникациски методи коишто мајката ги практикува при интеракцијата со бебето. Кога станува збор за пеењето, мелодијата е моќно формообразувачко музичко средство кое мајките од сите култури го применуваат (Trehub, Unyk, & Trainor, 1993). Мајчиниот глас поседува специфична висина, темброви, динамички и ритмички карактеристики на кои бебињата позитивно реагираат. Музичките елементи во пеењето подразбираат емотивна спрега за комуникација преку којашто бебињата стекнуваат искуство во невербалната форма на комуникација. Бенефитот е подобро разбирање и толкување на емоционалните содржини во говорот во подоцнежните години (особено прозодијата преку којашто се толкува значењето на кажаните зборови).

Топлината, нежноста и сигурноста што ја пружаат мајките со пеењето е од особено значење за доенчињата. Оттаму се востановила хипотезата во која се опишува можноста еволуцијата да развила специфичен психолошки механизам—пеење на игриви и приспивни песни со што се сигнализира силна врска меѓу родтелите и доенчињата, а истовремено се подобрува развојот и се регулира стресот (Mehr & Krasnow, 2017). Доенчињата претпочитаат бавно темпо и едноставни мелодиски прогресии поради ограничената способност за процесирање на музички информации. Приспивните песни обично се користат со шестоделен ритам, бидејќи на тој начин се имитира шаблонот на лулкање. Се верува дека ваквиот ритам има моќ да ги имитира движењата на бебињата во утробата на мајката во моментите кога чекори (Deliège & Sloboda, 1996). Приспивните песни не само што имаат улогата на заспивалка, туку сосем можно е да ја намалуваат вознемиреноста и сензацијата на болка кај бебињата (Corbeil, Trehub, & Peretz, 2015). Оттаму, неоспорен е фактот дека интерес и потреба за музиката се јавува во најраниот период од хуманата онтогенија.

Социјална кохезија 

Оваа хипотеза се однесува на потенцијалните бенефити од музиката во социјалните групи како што биле првобитниоте заедници. Како и повеќето примати, луѓето се социјални битија кои живеат во групи, но она што е интересно во врска со музиката е податокот дека таа служи како механизам кој сигнализира кохезија во рамките на групата (Patel, 2010). Примери во денешно време се бендовите, оркестрите, хоровите, навивачките групи, концертите и сл.

Кога станува збор за музиката, клучното значење на овој концепт е можноста за предвидување на постапките кај луѓето, на пример, доколку започнеме со интензивно сигнализирање на артикулиран, усогласен ритам, тогаш ваквиот музички пулс може да премине во средство на идентификација со коешто се синхронизираат однесувањата на две или повеќе индивидуи во кохерентна и изедначена изведба (Tarr, Launay, & Dunbar, 2014). Ваквата експресивна изведба ги активира емо-зоните во мозокот, невралниот систем за награда, како и ослободување на хормоните окситоцин, вазопресин, серотонин и допамин коишто силно се поврзуваат со социјалното однесување и групирање (Chapin, Jantzen, Kelso, Steinberg, & Large, 2010).

Comments