Во кој правец се движи популарната музика?
Неодамна на фејсбук профилот на македонскиот музички новинар, колекционер и диџеј, Драган Б. Костиќ, осамна објава во која се прави споредба на музиката од две ери—добитниците на популарните Ем-ти-ви музички награди од 1992 и 2019 година. Со двосмислен (саркастичен) коментар, Костиќ имплицираше дека нешто чудно се случило помеѓу овие две точки во времето, нешто за кое не би можеле да зборуваме со особено задоволство.
Еден од стравовите што потајно ме следи низ годините е дека со созревањето ќе почнам да звучам како некојси намуртен музички ветеран кој отворено критикува и напаѓа сè што е ново во музичкиот свет. Всушност навистина постои научно образложение дека лицата во текот на животот ја претпочитаат музиката од нивната младост и неретко гледаат со сомнеж кон новите музички тенденции. Музичките вкусови почнуваат да се формираат на 13-14 години, а отприлика до 33-тата година повеќето од нас престануваат да слушаат нова музика како последица на повеќе фактори. Делумно поради т.н. ефект на изложеност—кога се стремиме да го слушаме она што веќе го знаеме; делумно поради работните и семејните обврски и немање време; делумно поради тоа што со возраста опаѓа и способноста на мозокот да прави суптилни разлики меѓу различни акорди, ритми и мелодии; делумно поради тоа што како тинејџери имаме поинтензивни емоционални искуства кои се поврзуваат со живописни (музички) спомени и сеќавања.
Сепак сметам дека како лице кое професионално дејствува во доменот на музиката, моја должност е соодветно и најобјективно да реагирам на случувањеата во музиката. Можеби во мене на некое несвесно ниво постои доза на пристрасност, но барем е поткрепена со неколку емпириски истражувања.
Најпрвин веднаш да расчистиме дека и во денешно време без проблем можеме да пронајдеме и слушаме на тони одлична музика и хитови, иако тука морам да се согласам со Костиќ дека на глобално ниво музичката слика драстично се сменила. Истражувањата покажуваат дека со време варираат и квалитативните параметри. На пример, институтот за вештачка интелигенција од Барселона спровел истражување во кое биле вклучени над 460 илјади песни во периодот од 1955 до 2010 година. Трите променливи кои биле предмет на истражувањето се:
(1) тембр – боја на звук, текстура и квалитет на произведениот тон;
(2) висина – односно звучен опсег и квалитет на музичката содржина: хармонија, мелодија, аранжман и сл.;
(3) гласност – психолошки квалитет кој за цел има субјективно да ја мери величината на перцепираниот звук.
Резултатите покажале дека по кулминацијата во 60-тите години на 20-ти век, тембровиот квалитет бележел постепен пад. Тоа подразбира дека има сè помалку инструментална разновидност во музиката и ограничување на техниките на снимање инструменти. Можна причина е фактот дека продажбата на музички албуми расте со помалата инструментална сложеност. А кога станува збор за музичката содржина, податоците говорат дека за разлика од нивните претходници, денешните творци се помалку склони кон експериментирање и имаат тенденција да преповторуваат музички фрази со помали или поголеми измени. Па затоа нумерата „Stay with me“ на Сем Смит може да потсетува на „I won't back down“ на Том Пети; или, „When Love Takes Over“ на Дејвид Гета да потсетува на „Clocks“ на Колдплеј. Исто така, истражувањето открило дека со време музиката станувала сè погласна – со раст од приближно еден децибел на секои 8 години.
Гласноста расте поради сè позачестената употреба на т.н. компресори и лимитери кои за цел имаат вештачки да го засилат излезниот сигнал. Процесот на динамичка компресија, кога тивките и гласните делови во музиката се изедначуваат, претставува психолошки трик и обид лесно да се привлече вниманието на слушателот. Замислете дека уживате на некоја плажа каде се пуштаат тековни музички хитови. Ако една од песните е погласна, таа лесно ќе се издвои од останатите и така слушателот полесно ќе ја забележи.
Можеби на овој начин песните навистина полесно доспеваат до ушите на слушателите, но затоа пак страдаат други музички варијабли. Во денешната музика речиси воопшто и да нема локални и генерални кулминации, се одзема ефектот на изненадување, а очекувањата ретко се прекршени (слика 1). Феноменот може да се поистовети со психолошкиот ефект е познат како перцептивна депривација—кога перцепираме хомогени дразби без структура. Еден пример од секојдневието е кога патуваме со автобус – обично ни се приспива поради долгото еднолично зуење на моторот. Веројатно слична ситуација имаме и со современата популарна музика на која очајно ѝ недостасува почеста промена на динамичките карактеристики.
(a)
(b)
Слика 1. Споредба на спектрограмите на песни кои своевремено биле на врвот на топ листите: (а) „The Long and Winding Road“ на Битлси; (b) „Up“ на Карди Би. Хоризонталниот аспект на графиконот го претставува времетраењето на песната, а вертикалниот—гласноста. Може да забележиме дека примерот под „b“ е погласен и истовремено покажува поретки динамички контрасти за разлика од примерот под „а“.
А што се случува со текстовите во песните? Резултатите од квантитативната анализа на сентиментите во текстуалниот дел од популарната музика (6150 песни) покажуваат дека во периодот од 1955 до 2016 год., забележан е раст на индексот на зборови со негативно значење за сметка на оние со позитивно значење. Уште една анализа на песни-хитови во периодот од 1980 до 2017 година, покажала дека во текот на годините била забележана зачестена употреба на зборови поврзани со антисоцијално однесување. А како капак на сè, аналитичарот Andrew Powell-Morse објавил десетгодишна анализа чии резултати, според Andrew, имплицираат дека текстовите во популарната музика стануваат сè поглупи и можат да бидат протолкувани дури и од првоодделенчиња.
Генералниот заклучок е дека во текот на последниве неколку децении популарната музика станала прилично едноставна и хомогена. Но зошто се случиле сите овие промени? Прашањето е сложено, иако некои аспекти на проблематиката можат да се одговорат.
Луѓето што стојат позади музичката индустрија (свесно или несвесно) научиле да експлоатираат еден важен психолошки механизам—често да нѐ изложуваат на нешто што веќе ни е познато. Токму поради ова огромен број на музички фрази од различни песни се совпаѓаат. Податоците добиени преку снимање на мозочните ткива со помош на функционална магнетна резонанца покажуваат дека регионите поврзани со емоциите и наградувањето се значително поактивни кога слушаме музика која ни се чини позната.
Друга работа е очигледното губење на автентичноста и разноликоста во популарната музика како последица на тоа што до пред само некоја деценија, автори и композитори на најголем дел од песните и хитовите беа самите изведувачи. Денес поголемиот дел од изведувачите се всушност само тоа—изведувачи. Останатите аспекти како компонирање, аранжирање, продуцирање, текст, стил, имиџ и сл., им се препуштаат на цели тимови од композитори, продуценти, стилисти, па и психолози. Можеби затоа речиси воопшто не гледаме личен печат на изведувачот во музиката, туку само убави марионети.
Последниве неколку реченици се само мои импресии и заклучоци за кои нема емпирична потврда, но верувам дека играат соодветна улога во појавата на феноменот. Како и да е, останува да видиме во која насока ќе се движат работите во иднина. Моето видување е дека уште долго ќе чекаме на позитивни промени, иако тоа не значи дека сме лишени од уживањето во модерна музика.



Comments
Post a Comment