Најголемиот на сите времиња: Џордан версус Џејмс
Кошарката е спорт кој отсекогаш ме фасцинирал. Љубовта кон овој спорт потекнува од втората половина на деведесеттите години кога јас и татко ми останувавме доцна по полноќ да ги проследиме финалните серии на натпревари помеѓу Чикаго Булс и Јута Џез, Њујорк Никс и Сан Антонио Спарс, Индијана Пејсерс и Лос Анџелес Лејкерс, итн. Со играње кошарка започнав во основно училиште, иако во процесот осознав дека офанзивниот дел од играта ми е релативно слаба страна, особено шутот од далечина, па затоа најчесто се ослонував на дефанзивната компонента и играта под кош. Секој играч треба да си ја спознае својата ниша.
Инаку кошарката навистина е уникатна спортска дисциплина во која освен што се вклучени локомоторниот систем и речиси сите мускулни групи, активно учество зема и мозокот, односно умот. Во процесот се имплементираат стратегиското размислување и планирање: надмудрување со разни цаки, несебично делење на топката помеѓу играчите и креирање ситуации за потенцијално поентирање. Значи атлетизмот е добродојден, но еднакво добродојдени се и емоционалната и општата интелигенција. Експертите по спортска психологија се сигурни дека менталната цврстина вреди исто толку колку и физичката моќ, па дури и повеќе.
Низ годините бевме сведоци на вжештени дебати за тоа кој е „Најголемиот на сите времиња“ (НСВ). Во дискусијата обично беа засегнати различни играчи од различни ери, но во поново време постојано се дебатираше на тема „Мајкл Џордан версус Коби Брајант“. Иако многумина беа решени да го донесат на претстолот на кошаркарското царство, аналитичарите најпрвин погледнаа во бројките на Брајант, пред да носат било какви заклучоци. И полека стануваше кристално јасно зошто Џордан има лагодна предност. Дури и најдобриот тренер на сите времиња Фил Џексон, кој своевремено ги тренираше и обајцата, во многу прилики беше принуден да ја признае предноста на Џордан како севкупно подобар играч. Значи, дебатата во овој дел веќе се смета за затворена. Но, на повидок е уште една далеку посериозна дебата околу тронот наречен НСВ. А овојпат во нејзиниот фокус се Мајкл Џордан и Леброн Џејмс.
Џејмс штотуку ја освои четвртата шампионска титула во неговата кариера, посветувајќи ја токму на Коби Брајант, којшто во минатото беше дел од истата франшиза. И на ова финале Џејмс имаше фантастичен учинок и дополнително се закити со титулата „Највреден играч во финале“ (МВП во финале). Уште пред отпочне финалната серија помеѓу Л.А. Лејкерс и Мајами Хит, започнаа разни шпекулации кои повторно ги оживеаја споредбите меѓу Џордан и Џејмс. Дури и Пол Пирс, кој во минатото важеше за еден од најлутите ривали на Џејмс, не беше рамнодушен и потенцираше дека со оваа титула Џејмс ќе се најде веднаш зад Џордан:
„Воопшто не е лесно да се стигне до НБА финале. А да се биде во финале по десетти пат? Тој (Џејмс) дефинитивно стигнува на врвот... Доколку оваа година освои титула јас би го сместил веднаш позади Мајкл Џордан“.
Интересна размисла со оглед на тоа што до скоро некои спортски коментатори воопшто не ни ставаа на памет дека Џејмс може да му се приближи на Џордан. Но, што сега? Џејмс не само што со сигурност има обезбедено место во историјата на најдобрите пет играчи на кошаркарската НБА лига, туку се чини дека му диши во врат на Џордан. Некои извори сметаат дека серијалот „Последниот танц“ е направен како реакција на третата шампионска титула на Леброн Џејмс во 2016 година. Според овие извори, Џордан сакал само „да нѐ потсети“ кој всушност е вистинскиот НСВ. Но, тоа што сакал да каже Џордан е едно. Да погледнеме што велат бројките.
Џордан версус Џејмс: основна статистика
Пред да навлеземе подетално во темата и статистиката, некои од варијаблите што повеќето аналитичари ги наведуваат како проблематични се поврзуваат со фактот што се работи за две сосем различни кошаркарски ери, како и за играчи од различен профил: бек и крило. Исто така, низ годините стилот на игра стана пософистициран со сè помалку физички контакт, со повеќе обиди за три поени, како и со поизразен атлетизам.
Мора да имаме предвид и дека различните позиции не даваат реална слика за тоа кој од споредуваните играчи е подобар кошаркар. Со Коби Брајант споредбите беа далеку полесни за правење бидејќи се работеше за играчи кои определен период играа еден против друг, делеа иста позиција на теренот и имаа речиси идентична анатомија. Со Џејмс е прилично замрсено. Впрочем толку замрсено што некои сметаат дека споредбите се залудно трошење на време. Но ние секако ќе им дадеме шанса, во духот на конструктивната дебата, но и чисто за да ги направиме работите поинтересни.
Табела 1. Џордан версус Џемјс: основните категории и споредба на нивните вредности. Вредностите обележани со црвена боја покажуваат статистичка предност во корист на еден од играчите.
|
| Мајкл Џордан | Леброн Џејмс |
|
Поени по натпревар |
30.1 |
27.1 |
|
% на шут од игра |
.497 |
.504 |
|
% на шут за три поени |
.327 |
.344 |
|
% на шут за слободни фрлања |
.835 |
.734 |
|
Скокови по натпревар |
6.2 |
7.4 |
|
Асистенции по натпревар |
5.3 |
7.4 |
|
Украдени топки по натпревар |
2.3 |
1.6 |
|
Блокади по натпревар |
0.8 |
0.8 |

Слика 1. Џордан версус Џејмс: Процент на ефикасност според локација и фреквенција на шутови. Од приказот гледаме дека Џордан доминира во средината, додека пак Џејмс поефикасен под кошот и на линијата за три поени. Извор: https://www.espn.com. Заслуги и права: Kirk Goldsberry. Прилагодил: Гоце Симоноски.
Џејмс е поефикасен на линијата за три поени. Тоа е така затоа што Џејмс е дел од кошаркарска ера во која шутот за три поени е примарен и интегрален дел од офанзивната стратегија. Може да претпоставиме дека Џордан, кога би играл во денешната НБА лига, би бил приморан да се прилагоди и дополнително да го усоврши шутот за три поени. Затоа пак Џордан има подобар шут од далечина и повисок процент на шут за слободни фрлања.
Сѐ на сѐ, тешко е да се оцени кој е НСВ судејќи само од традиционалната статистика. Џејмс има предност во четири категории наспроти трите на Џордан, со тоа што полезно би било да се образложи зошто тоа е така. Генерално од податоците може да се заклучи дека Џордан играта почесто ја креира околу него, потенцирајќи ја релацијата офанзива-дефанзива, а Џејмс почесто ги инволвира останатите играчи од тимот, оттаму повеќе асистенции по натпревар. Судејќи од слика 1, офанзивната филозофија на Џордан зазема различни облици, а обидите за шут ја преплавуваат речиси секоја точка од теренот. За разлика од него, Џејмс има неколку омилени точки на теренот, но затоа е високо ефикасен.
Џордан версус Џејмс: Севкупна ефикасност на играчот (PER)
Сировите податоци и традиционалната статистика опишуваат некои аспекти од играта, но не ни кажуваат за севкупната ефикасност на играчот, а особено не кој е НСВ. Џон Холингер, аналитичар и колумнист, развил математичка формула која за цел има да ја измери севкупната ефикасност на играчот сведена на еден број. Оваа статистичка категорија е една од најшироко користените во кошаркарската статистика. Холингеровата формула ги зема предвид шутот од игра, слободните фрлања, шутот за три поени, асистенциите, скоковите, блокадите и украдените топки. Но интересниот дел е дека во равенката се вклучени и негативните резултати, како промашените шутови, загубените топки и личните грешки. На крајот сѐ се сведува на една бројка која ги сумира статистичките достигнувања на играчите како што е прикажано на табела 2 (формулата може да ја видите тука).
Табела 2. Рангирање на првите пет играчи според PER. Играчите обележани со „црвено“ се сѐ уште активни, па затоа нивното PER ќе продолжи да варира и да се менува од година на година. Последното ажурирање на податоците е направено на 15 октомври, 2020 година.
|
|
Играч |
PER |
|
1. |
Мајкл Џордан |
27.91 |
|
2. |
Леброн Џемјс |
27.49 |
|
3. |
Ентони Дејвис |
27.42 |
|
4. |
Шекил О’Нил |
26.43 |
|
5. |
Дејвид Робинсон |
26.18 |
Од табелата може да се види дека Џордан има најголемо PER во историјата на НБА лигата. И тоа сосе последните две сезони во Вашингтон Визардс. Сепак, кариерата на Џејмс не е завршена и останува да видиме која вредност ќе осамне кога ќе престане да игра. Сега за сега Џордан останува на првото место.
Меѓутоа PER не е без негативни критики. Холингер не е научник на кому примарна работа му била да врши обработка на податоци, оттаму и некои посериозни недостатоци во формулата. Се смета дека двете дефанзивни категории: блокадите и украдените топки, можат да дадат искривена слика за севкупната ефикасност на играчот, плус постојат одредени проблеми со бодирањето и покрај дополнителните прилагодувања. Но критичарите велат дека тоа не е причина PER да не се употребува, туку да се вклучи како една од многуте варијабли, давајќи ни пореална слика за ефикасноста на играчот. И покрај недостатоците, PER се смета за една од најважните статистички техники.
Џордан версус Џејмс: напредна статистика
Да потенцирам уште еднаш: нема совршена статистичка техника која ќе ни даде целосна слика за играчот, но затоа има такво нешто како совршена примена на статистиката. Во продолжение ќе разгледаме уште неколку посериозни статистички пристапи кои би требало дополнително да нѐ информираат за резимето на Џордан и Џејмс.
Какo и секоја статистичка техника, така и во наведените биле направени низа прилагодувања во кои се инволвирани масивни математички калкулации, кои во интерес на моето и вниманието на читателот, мудро ќе ги изигнорираме. Но пред да погледнеме во резултатите, накусо да се запознаеме со значењето на неколкуте релевантни статистички техники:
- Бокс плус/минус (BPM) е статистичка техника која за цел има да го процени придонесот на кошаркарот во тимот додека е на терен. Ако присуството на играчот на терен допринесува со повеќе поени, неговото присуство се бодира позитивно;
- Вредност наспроти играчот-замена (VORP) е начин да се процени вкупниот придонес на играчот во тимот споредено со оној на играчот-замена;
- Заслуги за победи (WS) е статистички пристап којшто има за цел да процени за колкав број победи е одговорен играчот во неговиот тим;
- Ефективен % на шут од игра е прилагодена верзија од стандардниот % на шут од игра земајќи ја предвид зголемената вредност на постигнатите три поени. На пр., ако имам остварено 5/10 шутови, % на шут од игра е 50%; но ако имам остварено 4/10 шутови, од кои три тројки, ефективниот % на шут од игра е 55%. Држи вода. Со оддалечувањето на кошот, веројатноста да поентирате се намалува, па затоа тројките повеќе се вреднуваат;
- Реален % на шут - ги зема предвид шутот од игра, шутот за 3 поени и слободните фрлања;
- % на посед е начин да се измери колкав офанзивен товар презема играчот;
- % на изгубени топки е статистичка техника која за цел има да го измери процентот на изгубени топки од страна на играчот. Колку помала вредност, толку подобро.
|
Мајкл
Џордан |
Статистичка
техника |
Леброн
Џејмс |
|
9.22 |
BPM |
8.93 |
|
116.08 |
VORP |
133.67 |
|
214.02 |
WS |
236.44 |
|
50.9 |
Ефективен % на шут од игра |
54.1 |
|
56.9 |
Реален % на шут |
64.2 |
|
33.3 |
% на посед |
31.5 |
|
9.3 |
% на изгубени топки |
13.2 |
При споредувањата со Џордан, индивидуалните достигања се единствената слаба карика на Џејмс. Не ме сфаќајте погрешно, тоа што го има постигнато Џејмс, останатите од нас можат само да го сонуваат. Патем мнозинството од моменталната НБА лига може само да го сонува и веројатно никогаш да го достигне. Но кога станува збор за НСВ, критериумите се заоструваат и битката за првото место станува тесна.
Табела 4. Џордан версус Џејмс: награди и признанија.
|
Мајкл Џордан |
Достигнувања и награди |
Леброн Џејмс |
|
6 |
Шампионски титули |
4 |
|
5 |
МВП |
4 |
|
6 |
МВП на финалето |
4 |
|
9 |
Ол-НБА дефанзивен тим |
6 |
|
11 |
Ол-НБА тим |
16 |
|
14 |
Ол-стар тим |
16 |
|
10 |
Титули за најдобар стрелец |
1 |
Некои циници упорно ќе ви велат дека шампионските прстени не се сѐ на светот и дека Бил Расел има 11 шампионски титули, па според таа логика тој би требало да биде НСВ. Но намерно или не, речиси никогаш не кажуваат дека во шеесеттите години кога династијата Бостон Селтикс косела сѐ живо и диво, конкуренцијата сочинувала само 8 тима наспроти 27-те тима во династијата Чикаго Булс. Не ме сфаќајте погрешно, тоа воопшто не му одзема на Расел од заслугите, но кога се разговара за НСВ, аргументите мора да се изложат во право светло.
Но како што пишав погоре, Џејмс има ас во ракавот. А тоа е дека неговата кариера е далеку од завршена. Во декември ќе наполни 36 години, што за многу професионални атлети е алармантна бројка. Но, се чини дека Џејмс не покажува знаци на стареење, што само по себе е показател дека неговиот перфоманс ќе биде на високо ниво уште барем следниве две-три сезони.
Сега, ви текнува каде се крие асот? За да стигне до врвот на планината и да ја зграби титулата наречена НСВ, по мое мислње, Џејмс ќе мора да освои најмалку уште две шампионски титули во кои тој повторно ќе се закити со МВП на финалето. Доколку по некоја случајност освои три по ред титули, мислам дека во тој случај има добри шанси Џордан конечно да биде симнат од тронот. Но, за да видиме, ќе мора да сме живи, здрави и трпеливи.
Џордан версус Џејмс: Коби версус Леброн
И конечно можеме да ги оставиме на страна комплицираните статистики и достигањата и на раат да си направиме еден мисловен експеримент. Експеримент кој треба да ни октрие кој од овие двајца би бил подобар во игра „еден-на-еден“. Сигурно се прашувате на кои двајца мислам: Џејмс и Џордан или Џејмс и Брајант? Па да, на тие двајца. :)
Ако некогаш во историјата постоел профил на играч кој најдобро го ислустрирал ликот и делото на Мајкл Џордан, без нималку размислување ќе речеме дека тоа е Коби Брајант. Брајант многумина го сметаат за реинкарнација на Џордан. И со право. Неговиот стил на игра, потези, говор на тело, висина, анатомија, достигнувања, па и психологија, несомнено потсетуваат на „Ер“ Џордан. Пред неколку години на интернет се појави фантастично видео во кое се споредуваат игрите и потезите на Џордан и Брајант. Погледнете го и ќе ви стане јасно зошто Брајант, а не Џејмс, е најблиску до споредбите со Џордан.
Сега дозволете ми да објаснам зошто во целава приказна го вмешувам и Коби Брајант. Првин, Џордан и Џејмс се играчи кои никогаш не се сретнале на терен. Џордан ја напушти лигата во 2003 година, а неколку месеци подоцна беше драфтуван Џејмс. Но Брајант и Џејмс имаа интересни дуели во неколку наврати. Статистички, во изолирани дуели - еден на еден, Коби се покажал како подобар од Леброн. Една постара анализа покажа дека во шест сезони и седум натпревари, Брајант постигнал 20 поени во 27 игри против Џејмс, додека пак Џејмс постигнал 7 поени во 13 игри против Брајант. Ако предвид ја земаме основата на поени по игра, Коби има предност со 73% наспроти Џејмс со 54%. Но проблемот е што примерокот е мал, ограничен на неколку натпревари и шака дуели, па затоа претставува вистински предизвик да се процени кој навистина е подобар. За да добиете целосна слика, статистички гледано, бројот на дуели треба да биде значително поголем. Колку повеќе дуели, дотолку подобра основа за предвидување.
А сега да си замислиме дуел помеѓу Џордан и Џејмс во нивните најдобри години. Имајте предвид дека Џордан е севкупно подобар играч од Брајант, па сходно на тоа може да очекуваме резултатите да бидат во корист на Џордан или барем слични. Џејмс е поголем и посилен опонент, но Џордан има повеќе трикови в џеб. Мојата претпоставка е дека Џејмс би имал предност доколку директно го напаѓа кошот и со неговата големина доминира над Џордан; предноста на Џордан се крие во палетата на потези со кои ги избегнува блокадите на опонентите и поентира. Мислам дека првите неколку дуели ќе бидат во корист на Џејмс, но со време Џордан би требало да ги „прочита“ недостатоците на Џејмс и да почне да го возвраќа ударот. Победник? Веројатно никогаш нема да дознаеме. Сепак, моето субјективно мислење, базирано на скудните податоци и видео записите помеѓу Џејмс и Брајант, е дека после поголем број на одиграни игри Џордан би излегол како победник. Џордан е машина создадена за игри од типот „еден-на-еден“; Џејмс има физичка обдареност како никој друг, но неговиот ум е создаден за тимска игра.
Џордан версус Џејмс: психологија на личност
Овој дел од текстот целосно се базира на мои гледишта и претпоставки поврзани со психологијата на Џордан и Џејмс. Од психолошки аспект, далеку поголем предизвик е да се истражи психологијата на Мајкл Џордан, која многумина ја опишуваат како егоистична и полна со елементи на психопатија. Неговата нескротлива желба да биде најдобар ја покажуваше со неповратното уништување на неговата конкуренција, правејќи го „најсмртоносниот“ офанзивен играч што некогаш го красел кошаркарскиот терен. Не само што мнозинството луѓе го сметаат за НВС, тој е неприкосновен лидер и најголемиот спортски алфа мажјак. Како резултат на тоа, Џордан е гледан како кошаркарско божество.
Моето гледиште е дека кошаркарската кариера на Џордан е персонификација на интелектуалните перформанси. Од психолошки аспект, ова подразбира ментална цврстина и висока емоционална и општа интелигенција. Кога е на терен, неговите мисли се стабилни и фокусирани, а емоциите мирни како вода во бара. Се чини дека интегралната психолошка компонента на Џордан е неговата внатрешна мотивација.
Внатрешната мотивација е вродена потреба на спортистот да ги насочува своите напори кон реализација на определена цел, како и бестрашно да се справува со потенцијалните непријатности и неуспеси. Од друга страна, надворешната мотивација ги опишува спортистите водени од награди, слава и признанија. Мислам дека во Џордан се крие внатрешен вулкан. Дури има и автобиографија со наслов „Воден одвнатре“, што само по себе е показател дека човекот навистина обожавал да се натпреварува. Но мора да се потенцира дека Џордан имаше мноштво надворешни причини за мотивација, кои дополнително ја хранеа неговата внатрешна мотивација.
Исто така, Џордан има лавина од негативни коментари за неговото однесување. Во најновиот документарец „Последниот танц“, има безброј сведоштва и приказни во кои многу луѓе станувале жртви на гневот и мотивацијата на Џордан. Озборувањата дека се работи за „психопат“ започнуваат уште во првите години во НБА, а со време постепено станувале очигледни.
Во 1806 година, Филип Пинел, ја дефинирал психопатијата како „manie sans delire“ (прев. лудило без делириум), посочувајќи дека психопатите можат да бидат „луди“, а сепак нормално да функционираат во општеството. Психопатите поседуваат неколку психолошки црти, меѓу кои се потенцира неможноста да се демонстрира морал или емпатија. Џордановите методи и стилот на лидерство денес се сметаат за теоретски неефикасни и со елементи на психопатија. Дали удирањето тупаници кон соиграчите за време на тренинзите нужно би довело до подобрување на тимот? Теоретски не, но практично, да! Џордан толку многу вложуваше во победата што беше спремен да направи сè што е потребно за истата да се постигне. Макар тоа биле пцовки, погрдни зборови и тупаници. Значи, компетитивноста е „жигосана“ во Џордановата ДНК, а неговата самодоверба на терените доспеваше до стратосферата.
Од друга страна го имаме Џејмс. Некои од психолошките динамики на однесување многумината ги сфаќаат како нарцисоидни. Ако добро се фокусираме на неговото однесување последниве неколку години, навистина може да се добие впечаток дека се работи за нарцисоидна личност која со гордост и исправена глава го носи прекарот „Кралот Џејмс“. Пред некое време се самопрогласи за „најголемиот на сите времиња“, во друга прилика искоментира дека е „најдобриот кошаркар на светот“, итн. Ова однесување е типично за најголемиот број на славни лица—една самоизбрана група нарцисисти кои мислат дека го менуваат светот. Но, во случајот со Џејмс, не би избрзувал.
Секако дека луѓето опсипени со внимание ќе почувствуваат длабок импулс дека прават нешто што суштински го менува светот. Како прво, не сум сигурен кога точно Џејмс го добил прекарот „Крал“, но, повеќето податоци укажуваат дека овој прекар се провлекува уште од средно училиште, ако не и порано. Исто така, неговото назначување за „крал“ не дошло од неговата уста, туку однадвор.
Од особено значење да се нагласи дека Џејмс не започна како некаков непријатен арогантен егоист, претенциозно прогласувајќи се за нов „император“ на кошарката. Во неговите рани години, во неколку наврати споменуваше дека Мајкл Џордан е неговиот идол, дека поради него го носи бројот „23“ и дека за него е „најголемиот на сите времиња“. Како одминуваа годините, спортските коментатори постојано гледаа со сомнеж кон Џејмс: неосновано критикуван, потценуван и изоставуван од листите на најдобрите кошаркари на НБА, па дури и исмеван. Мое мислење е дека токму ваквиот лош третман го разбудил гневот и компетитивноста на Џејмс да стане „гласен“ и повеќе да се заземе за себеси. А кој не би. Да произведете статистика која веќе 17 години е константна како како брзината на светлината, а да бидете сметани за кошаркар од втор ред е нешто што секого би го полудило.
Друга работа. За разлика од Џордан, Џејмс се чини како дружељубива личност која ужива емоционално да се поврзува со неговите соиграчи. На терен, секогаш активно ги инволвирал дури и замените, кои обично важат за послаби играчи. А тоа може да се види и од неговата статистика, без да гледате ниту еден натпревар. Со неговото присуство на терен, Џејмс инстантно ги прави сите соиграчи од обични—одлични, без да мора да им го прави она што Џордан им го правел на неговите соиграчи. Доколку формирате тим и бирате помеѓу овие двајца, дефинитивно нема да згрешите доколку се одлучите за Џејмс наместо Џордан.
Моите заклучоци се дека и едниот и другиот имаат доволно аргументи и портфолио да бидат сметани за НСВ. Како што кажав на почетокот, тешко е да се одлучи кој е подобар помеѓу два елитни спортиста од ваков калибар, а особено ако се работи за различни времиња, во кои биле инволвирани различни луѓе, различен стил на игра и различна технологија. Јас субјективно го одбирам Мајкл Џордан наспроти Леброн Џејмс, како „Најголемиот на сите времиња“.
Има три причини за тоа. Првин, нивото на изведба е беспрекорно! Не постои нешто поприродно и пограциозно од играта на Џордан. Се чини како да е создаден за кошарка. Второ, своевремено од кошарката направи втор (ако не и прв) најатрактивен спорт во светот, надминувајќи ја популарноста на Роналдо - тогашното најзвучно име од светот на фудбалот. И трето, во осум години постигна нешто што ниту еден поединец во историјата на кошарката не успеал—а тоа е обезбедување на три по ред шампионски титули, па откажување од кошарката заради играње бејзбол година и пол, за потоа повторно да се врати на големата сцена и да освои дополнителни три титули по ред.
Би сакал да доживеам да сведочам на нешто слично, но нешто одвнатре ми кажува дека уште долго време ќе чекаме на ваков потфат. А можеби и никогаш нема да дочекаме. За мене, Леброн е најголемата ѕвезда во галаксијата, но Џордан е супернова чија светлина ќе продира во бесконечноста на космосот. Засекогаш.

Comments
Post a Comment