Машкост и женскост: општествени конструкти или научна вистина?
Еден од аргументите е дека социјализацијата и воспитанието играат клучна улога во определувањето на однесувањето кај единката. Водечкиот поборник на бихејвиоризмот, Џон Вотсон, еднаш рекол: „Дајте ми дузина здрави новороденчиња и свет според мој терк во кој ќе ги воспитувам; случајно ќе одберам едно од нив и ви гарантирам дека ќе го обучам да стане било каков специјалист: лекар, правник, уметник, трговец...“. Денес знаеме дека, освен средината, гените исто така претставуваат голем допринесувачки фактор кога станува збор за карактерните особини и цртите на личноста. Всушност, гените не само што можат да влијаат врз однесувањето на единката, туку може да влијаат и на специфични однесувања карактеристични за половите.
Слично како Вотсон, премисата дека социјализацијата е примарен фактор во формирањето на личноста денес е негувана од страна на разни феминистички движења чијшто постулат е дека „машкоста“ и „женскоста“ се само општествени конструкти и ништо друго. Стандардната мантра вели дека момчињата се охрабруваат на агресивно поведение, па затоа во зрелоста манифестираат девијантно однесување, додека пак девојчињата се охрабуваат на емпатија, па оттаму се покажуваат како исклучителни негувателки. Ако целосно ги исклучиме генетските/биолошките влијанија и констатираме дека средината е единствениот фактор којшто влијае на ваквите специфични однесувања, тогаш доаѓаме до заклучок дека станува збор за културолошки феномен, односно општествен конструкт каде машките и женските деца се такви какви што се ислучиво поради воспитанието. Иако во основа неточна, оваа идеја длабоко е вкоренета во популарната култура и е дел од феминистичкиот наратив во академијата.
Под терминот, општествен конструкт, подразбираме идеи кои не се базирани на случувањата во реалноста. Тие се само дел од имагинацијата на човекот. На пример, парите и нивната вредност се општествен конструкт—фикција во која луѓето силно веруваат. На тој начин општеството гради економски систем врз кој почива современата цивилизација. Парите претставуваат класичен пример за фиктивен концепт чија вредност постои само во нашите глави. Но дали истото може да го кажеме за „машкоста“ и „женскоста“? Имаат ли ваквите концепти некаква биолошка основа или навистина се само дел од воспитанието?
За да го дознаеме одговорот, најпрвин да расчистиме неколку базични факти произлезени од екгзактната наука—биологијата. Неоспорен факт е дека постојат важни разлики меѓу половите, нешто што во науката е познато под терминот „полов диморфизам“. Во ембрионалната фаза не постои полов диморфизам, без оглед дали оплодената јајце клетка добила Х или Y хромозом. Разликите почнуваат да се манифестираат отприлика во четвртата недела од ембрионалната фаза кога се активира SRY (sex-determining region) генот кој лежи во Y хромозомот и е одговорен за определување на машкиот пол (Berta, et al., 1990).
Со активација на овој ген се предизвикува каскада на развојни промени кои ќе доведат до полова диференцијација и развивање на машка гонада и машки репродуктивен орган. Присуството на машки генитални жлезди (тестиси) предизвикува зголемено лачење на хормонот тестостерон, којшто преку крвотокот може директно да делува на телесниот развој и на развојот на неонаталниот мозок (Baron-Cohen, 2003; Lenz & McCarthy, 2010). Овие анатомски промени се рефлектираат во однесувањето уште од ден бр. 1 во неонаталната фаза.
Слика 1. Графиконот покажува минимално совпаѓање во дистрибуциите меѓу половите кога станува збор за нивоата на тестостерон. Кај мажите дистрибуцијата е спласната и далеку поваријабилна (Stanton, 2011).
Дали тоа значи дека машкоста, односно женскоста е всушност сет на особини произлезени од половиот идентитет? Многубројни биолошки и психолошки трудови укажуваат дека е така. Едно од тие истражувања е елегантната студија на Ричард Удри (Udry, 2000). Удри го тестирал лимитот на срединското влијание врз родовото однесување (слика 2). Имено, се истражувала интеракција помеѓу два фактора: (1) колку мајката ја охрабрувала својата ќерка да се однесува женствено и (2) колку била ќерката изложена на пренатални машки полови хормони.
Слика 2. Графиконот илустрира дека колку повеќе мајките ја охрабрувале женственоста кај своите ќеркички, дотолку повеќе женствено се однесувале подоцна во зрелоста, но (!) само оние ќерки коишто биле изложени на мали концентрации на машки полови хормони во пренаталниот период.
Битната импликација од истражувањето е дека колку поголема е изложеноста на машки полови хормони во матката, дотолку помал ефект имало охрабрувањето на мајката, до точка да произведува слаб, па дури и спротивен ефект врз однесувањето на ќерката.
Феноменот се забележува и на други места. Имено, случаи на жени со „класична“ и полесна форма на Конгенитална адренална хиперплазија (зголемено лачење на специфични хормони, меѓу кои и тестостерон) почесто се декларираат како хомосексуалки и бисексуалки, обично претпочитаат да се облекуваат и однесуваат како мажи и претпочитаат типично машки професии (Beltz, Swanson, & Berenbaum, 2011; Meyer-Bahlburg, Dolezal, & Baker, 2008).
Постојат дури и анимални студии кои покажуваат дека машкоста и женскоста не се само фикции создадени од луѓето. Во едно такво истражување во кое биле вклучени џуџести зелени мајмучниња, покажува јасни полови разлики во преференциите на играчки: машките единки преферирале типично машки играчки, додека женските единки покажале горедоле идентичен интерес за машки и женски играчки, со акцент на женските (Alexander, Hines, 2002). Резултатите се слични на оние документирани претходно кај децата, со што се отфрла тврдењето дека родовите преференции се исклучиво последица на воспитувањето и родовата социјализација.
Слика 3. Машките мајмунчиња покажуваат голем интерес за играње со стереотипно „машки“ наспроти „женски“ човечки играчки.
Од кусиот преглед, може да забележиме дека гените и половите хормони можат прилично да влијаат на однесувањето. Заклучокот е дека одредени шаблони на однесување имаат силна биолошка основа, иако истите се воедно определени и од средината, но само во границите утврдени со биологијата. Во идеални услови, биолошкото влијание е во најмала рака еднакво, па дури и потенцијално го надминува она на средината и социјализацијата.




Comments
Post a Comment