Колку е реална реалноста: перцептивни процеси

Одблиску сликата е нејасна, но со оддалечување постепено се формира перцепт. Извор: britannica.com

Независно од човекот во природата се одвиваат бројни природни процеси за кои велиме дека се дел од објективната реалност. Човековата перцепција и сензација претставуваат субјективно искуство на таквите природни процеси. Всушност, нашиот живот се состои од колекционирање на дел од тие физички случувања и нивно ментално поимање. Сетилата се фундаментален механизам преку кои го осознаваме надворешниот свет. Основната премиса е дека ваквите механизми се продукт на еволуцијата и природната селекција заради успешна антиципација на потенцијално непревидливи и опасни ситуации. Со други зборови, еволуцијата на сетилата ни овозможила опстанок. Видот ни помага да се ориентираме во просторот; звукот ни помага во комуникацијата; сетилата за мирис и вкус ни помагаат да вкусиме храна неопходна за нашиот опстанок, итн.

И (по којзнае којпат) да споменам дека најважниот орган за којшто некогаш сме знаеле е мозокот. Тој е прозорец кон реалноста. Преку него ги спознаваме и искусуваме сите феномени во природата. Бидејќи надворешната средина (природата) и внатрешната средина (организам) се во постојана релација, мерењето на променливите се одвива на два начина: физички и биофизички, односно психофизички. Од физички аспект, за светлината велиме дека има бранова должина, но определени фреквенции од нејзиниот спектар субјективно ги перцепираме како боја (на пр., црвената боја има пониска фреквенција, сината повисока); воздушните вибрации ги перцепираме како звук, а определени фреквенции што го чинат звукот ги перцепираме како висина на звук или тон. 

Тоа значи дека нашите перцепции не се точен приказ на реалниот свет. Реалноста е далеку далеку далеку посложена отколку што можат нашите мозоци да поимаат. Поради тоа, се користиме со вроден механизам познат како перцептивно категоризирање, со чија помош ја редуцираме комплексноста во светот и ги правиме работите поедноставни отколку што навистина се. На пример, не перцепираме апсолутни вредности од електромагнетниот спектар, туку пошироки категории нам познати како бои.

Кога нашите сетила се бомбардирани од речиси бесконечно многу информации, нашите мозоци собираат релативно мал примерок информации од околината во вид на дразби: светлосни, звучни, хемиски (мирис и вкус), хаптички (допирни), и сл. Тие информации понатаму се интегрираат, обработуваат и толкуваат. Но толкувањето не е прецизно и објективно, туку е диктирано од нашите психобиолошки механизми коишто еволуирале со една единствена цел, а тоа е да ни пружат опстанок. На пример, ако оставите хамбургер среде савана, зајакот ќе дотрча по салатата, лавот по месото, а тетовчанецот веројатно по лебот. За секој вид различни работи ќе имаат различна адаптивна вредност неопходна за опстанокот.

Слично е и со човекот. Илузија е мислењето дека светот го согледуваме онаков каков што е. Напротив, нашите мозоци прават виртуелна симулација на стварноста позади која се кријат многу посложени интеракции. Не постои начин со кој може да ја замислуваме или ментално да ја поимаме стварноста.

Во мојата прва книга поопширно пишував за природата на светлината и во еден момент се запрашав како навистина би изгледала реалноста доколку нашите сетила вргалат долж елетромагнетниот спектар. Замислете, ако одеднаш магично добиеме способност да го перцепираме целиот електромагнетен спектар, тогаш, во тој момент вселената би збувнала во сиот нејзин сјај, а ноќта би немала изразито темни региони како што знаеме од нашето моментално искуство. Целото небо и реалност би биле исполнети со најразлични нијанси на светлина и „бои“ кои никогаш претходно не сме ги перцепирале: инфрацрвена, ултравиолетова, икс-зраци, гама-зраци, и сл. Но, проблемот е токму тоа, дека боите се субјективен продукт на нашите сетила. За жал, се чини објективната реалност никогаш нема да може да ја „перцепираме“ онаква каква што навистина е.

Но, тоа воопшто не треба да нѐ загрижува. Според когнитивниот научник, Доналд Хофман, колку и да звучи контраинтуитивно, субјективната перцепција на реалноста е добродојдена особина и треба да ѝ бидеме благодарни на еволуцијата за оваа прекрасна илузија, бидејќи во спротивно спознавањето на реалноста онаква каква што е никогаш не би довело до еволуција, компетиција и создавање на животот онаков каков што го знаеме. Според Хофман, биолошките и психолошките механизми еволуирале со цел да нѐ доведат до ниво на заблуда, бидејќи само на тој начин може еден вид може да опстане на долги стази. 
„Еволуцијата нѐ обликуваше со перцепции кои ни овозможуваат да опстанеме. Тие насочуваат однесувања. Тоа значи дека голем дел од работите коишто не ни се потребни, се всушност 'скриени' од нас" — Доналд Хофман
На пример, лавот неретко се маскира во долгите високи треви преку коишто му се прикрадува на пленот. Од друга страна, доколку газелата немала вродени механизми преку кои прецизно ќе разликува висока сува трева од гладен лав, таа и нејзиниот вид неминовно би биле во неволја. Во големата трка наречена „еволуција“, организмите милиони години наназад оддржуваат некаков природен баланс, нешто што е познато како ланец на исхрана.

Од понуденото резиме се наметнува јасна теоретска категоризација на човековите субјективни искуства. Значи, нашите сетила постојано се бомбардирани од огромен број на дразби во вид на сензации. Многу од нив не ни ги забележуваме свесно. На пример, немаме точна претстава колку удари во минута бие нашето срце во моментов, ниту пак да ја следиме содржината на разговорите кај останатите лица додека опуштено водиме разговор со пријател во кафуле. Само откако ќе го насочиме вниманието кон некоја дразба, тогаш мал дел од сензациите се претвораат во перцепција. Во тој случај велиме дека дразбите имаат сигнална функција, бидејќи го насочуваат организмот кон некаква промена во околината и следствено предизвикуваат реакција.

Перцепцијата е свесно, но субјективно искуство—последица на примените дразби. Дразбите претставуваат определена промена во средината која потенцијално ќе влијае на нашите сетила, како на пример кога влегувате да се капете во езеро или море. Нашата информациска обработка од „дното нагоре“ започнува со сензорните рецептори и понатаму подлежи на повисоки нивоа на обработка. Сите наши сетила добиваат сензорна стимулација, често користејќи специјализирани клетки на рецепторот. Понатаму, ја трансформираат таа стимулација во нервни импулси кои патуваат до мозокот. Во овој контекст, процесот на претворање на една форма на енергија во друга се нарекува трансдукција, а во процесот се вклучени бројни сензорни системи, меѓу кои и оние за вид, слух, допир, болка, вкус, мирис, држење рамнотежа, и сл.
Нашата обработка од „горе надолу“ конструира перцепции, со тоа што истите ќе се потпираат на нашето искуство и очекувања. Оттаму најголемиот предизвик на перцепцијата е нејзината интерпретација, а толкувањето на перцепциите е последица на нашите очекувања. На пример, за некого свирењето рок музика во музички бенд може да биде вистинско уживање, додека пак за друг е само гласна врева без поента. Излегува дека перцепцијата е сложен, но неопходен механизам за нашето секојдневно суштествување. Францускиот писател, Густав Флобер, веројатно го направил најдоброто сумирање на горенаведениот текст: 
„Не постои вистина, само прецепција“

Comments