Лозано: созревањето на една музичка ѕвезда
Написот оригинално е објавен во дневниот весник Вечер, 3 Март, 2020 година.
Неодамна, македонскиот пејач на популарна музика, Влатко Лозаноски – Лозано, во низата успеси и признанија во неговата кариера, успеа да се закити со уште една музичка награда на регионалната манифестација Music Awards Ceremony (MAC), во категоријата „најдобра поп-фолк песна“. Доделувањето на наградата е на ниво на Балкан, што само по себе е голем успех. Но, може да се каже дека самата награда и не беше некое големо изненадување за пошироката публика, имајќи предвид дека Лозано подолго време важи за еден од најдобрите вокали на современата популарна музика во Македонија. Сепак, се чини дека кај дел од луѓето барем малку изненадување предизвика токму номинацијата во оваа специфична категорија. Зошто „поп-фолк“? Приказната започнува многу порано.
На своите почетоци, периодот 2008 – 2009 година, Лозано, речиси преку ноќ, успеа да го привлече интересот на илјадници слушатели ширум Македонија со неговите први големи хитови „Врати ме“, „Обичен без тебе“ и „Нема да е крај на свет“. Освен беспрекорната техника на изведување, неговиот глас поседува уникатен вокален квалитет што многумина инстантно го забележаа—непосредна емоционална комуникација и изразена лирика, нешто по што луѓето постојано трагаа уште од ненадејната трагедија на великанот Тоше Проески во 2007 година.
Важно е да се напомене дека лиричноста е белег на македонскиот фолклор. Речиси сите големи музички имиња на традиционалната македонска песна, како Никола Бадев, Васка Илиева, Александар Сариевски, Петранка Костадинова, Вања Лазарова и др., ја поседуваа оваа дарба во нивниот вокален арсенал. Лозано, исто така, го поседува овој вокален квалитет.
Тенденцијата да се пее експресивно во духот на македонската лирика, може да се забележи уште на самите почетоци, но особено стана воочлива со излегување на третото албумско издание „Десет“. Песни како „Надеж“ и „Километри“ изобилуваат со вокални орнаменти, изразита динамичка експресија и прецизност во изведбата. Во истата се чувствува постепено и умешно вметнување на етно елементи во модерните музички аранжмани—симбиоза која звучи органски, но не сувопарно, како што е случај со многуте други изведувачи.
Исто така, во песните се обработуваат мотиви кои се дел од македонската вековна судбина. На пример, во „Километри“ се изразени тажни и носталгични чувства, коишто обично се поврзуваат со печалбарските песни и моментите на разделба со семејството; во „Надеж“ се зборува за вредности кои обично се поврзуваат со мотиви карактеристични за религиските песни; во „Мајко“ се опишуваат семејните односи, каде што синот побарува совет од мајка си како да се справи со тешките животни искушенија. Нормално, во македонската народна лирика, особено застапени се љубовните песни. Лозано, исто така, изведува поголем број на песни со љубовна содржина, песни како „Жена како ти“, „Камо тебе да те имам“ и многу други.
Сè на сè, може да заклучиме постепено музичко созревање и воедно да посведочиме на раѓањето на сопствен изразен белег кој ќе го вивне Лозано кај великаните. Секако, остануваат уште многу предизвици во претстојната кариера. Еден од тие предизвици е постигнување на интернационален успех, а клучен фактор за успехот, по мое видување, е успешно претставување на македонската песна во светот и сочувување на народниот дух. Од тој аспект, Лозано со сигурност претставува национално богатство за македонската култура и наследство.

Comments
Post a Comment