Талент vs. напорно вежбање: колкава улога имаат гените во музикалноста
Музичката изведба може да биде извонредно сложена активност која се одвива во мозокот, па се до екстремитетите и гласот. Како пример за една таква сложена активност може да го земеме монументалното дело Концерт за пијано и оркестар бр.3 на композиторот Сергеј Рахмањинов. Веројатно дел од нас го препознаваат како музичка адаптација на филмот „Сјај“ посветен на музичкиот гениј и пијанист Дејвид Хелфгот. Овој концерт има масивна музичка форма со приближно траење од 40 минути. Содржи виртуозни пасажи и акордски прогресии кои од изведувачот бараат извонредни капацитети и способности за неговото соодветно изведување. Потребни се години вежбање за да се достигне ниво кое дозволува изведба на дело од овој тип. Но, дали вежбањето само по себе е доволно? Знаеме дека генотипот (сите гени што ги содржи еден организам) влијае на фенотипот, односно физичките карактеристики на самиот организам. Дури и без сознанија од научните истражувања, поседуваме интуиција за да носиме анегдотски заклучоци од типот дека позади музичките вештини на некое талентирано лице мора да „стојат“ некакви музички гени.
Токму ваквиот феномен изминативе години поттикнал неколку истражувања коишто се во потрага по евентуална биолошка основа на музиката. Веројатно еден од поуверливите докази кои би ги поткрепиле музичките вештини како биолошки и еволуциски значајни, би требало да ги бараме и на молекуларно ниво, во нашата ДНК.
Еден од наједноставните начини да се дознае повеќе за наследните карактеристики на единката е да се соберат доволно информации од страната на таткото и страната на мајката, нивните браќа, сестри, родители, роднини итн. Понатаму, откако ќе се обработаат, со помош на информациите се формира семејно стебло и генограм чија цел е да го согледаат модусот на трансмисија на својството. Во психолошката литература овој метод е познат како семејно-фамилијарни студии.
Овој пристап најчесто се користи за анализа на здравствената историја на семејството, но во нашиот случај ќе го искористиме за музикалноста. Доколку во рамките на семејството постои тенденција на т.н. семејно-фамилијарно групирање на музикалноста, тогаш велиме дека фреквенцијата на својсвото е поголема од општата популација. Ерго—во семејството имаме маркантен тип на однесување! На пример, познато е дека лозата Бах е династија полна со луѓе кои животот целосно го посветиле на музиката, а помеѓу нив и еден од најголемите музички гении на сите времиња – Јохан Себастијан Бах. Ваквиот факт ќе нѐ поттикне да се запрашаме: дали гените се поврзани со ваквиот феномен? Дефинитивно!
Сепак, постојат ограничувања во овој пристап, барем кога станува збор за музикалноста. Во равенката недостасува уште една голема алка – средината. Како што резимиравме во еден од претходните делови, гените и средината заедно работат во формирањето и развивањето на организмот. Во нашите гени се напишани сите наследни карактеристики, додека средината овозможува експресија на тие карактеристики. Еден познат научен пример е дека сите деца имаат предиспозиција за говор (гени), како и дека секое од нив е способно да научи течно да говори било кој човечки јазик со еднаков капацитет (средина). Да бев роден во Македонија, а израснат и воспитуван во Кина, веројатно течно ќе зборував кинески јазик. Во превод, сите имаме генетска предиспозиција да говориме, но карактеристиките на мајчиниот јазик се определени од средината во која растеме и се развиваме.
Слична е приказната и со музиката. На прашањето зошто во ерата на музичкиот класицизам од 18 век имало толку истакнати композитори како Моцарт, Бетовен и Хајнд, но не и во остатокот од светот, одговор може да побараме во влијанието на културните вредности и средината. Имено, во тој период, централна и западна Европа биле водечки културни центри со долга традиција на практикување и негување на музика. Сходно на тоа, може да претпоставиме дека поединците родени и воспитувани во вакви услови можеле послободно да ги следат сопствените наклонетости и имале поголеми шанси да бидат она што сакаат – (во нашиов случај) композитор на класична музика, за разлика од оние кои живееле на тлото на Македонија за време на турско ропство. Веројатно постоеле поединци кои имале предиспозиции да бидат композитори и изведувачи рамни на Моцарт и Лист, но се чини тука средината била главната сопирачка.
За да може прецизно да уврдиме колкава улога имаат гените во музикалноста како особина, а колкава средината, одговор ќе мора да побараме во т.н. студии на близнаци кои се дел од гранката во психологијата позната како бихевиорална генетика. А пред да направиме подетална анализа на проблематиката, важно е да се напомене дека постојат два вида на близнаци: (1) монозиготни – коишто настануваат од една оплодена јајце-клетка која понатаму се дели на два идентични дела; (2) дизиготни – настануваат од две различни јајце-клетки кои биле истовремено оплодени. Монозиготните (еднојајчани) близнаци секогаш се истополови (машки, односно женски близнаци) и споделуваат 100% од генетскиот материјал, додека пак, дизиготните (двојајчани) може да бидат од ист или (најчесто) различен пол и споделуваат 50% од генетскиот материјал, исто како било кој друг брат и сестра, односно сестри и браќа.
Кај обете, монозиготни и дизиготни близнаци, се претпоставува дека влијанието на средината е приближно 100% исто, бидејќи близнаците истовремено се воспитуваат. На пример, доколку го истражуваме потеклото на музикалноста, потребно е да ги изолираме генетските и срединските влијанија и да пресметаме со колкав процент влијаат едните, а колку другите. Па оттаму, доколку музикалноста е доминантно последица на гените, очекуваме да видиме различен степен на пројавност на својството помеѓу монозиготните и дизиготните близнаци. Доколку примарен фактор е средината, очекуваме слична пројавност на својството кај обата типа на близнаци.
Затоа студиите со близнаци претставуваат совршен метод преку кој се разграничува степенот на генетските и срединските влијаниа врз некоја особина. Неретко постојат методолошки проблеми, но ваквите истражувања генерално се покажаа како успешна алатка во истражувањето на природата на бројни форми на заболувања како аутизмот, дауновиот синдром, шизофренијата итн.
Кога станува збор за музика и свирење на музички инструмент, многумина мои колеги и генерално луѓето се убедени и веруваат дека упорното вежбање секогаш дава големи резултати, додека пак генетскиот фактор има мала и занемарлива улога. „Дечки, 95%’ работа, а 5% талент. Ве молам, вежбајте.“—им рече еднаш една колешка на своите ученици. За да се утврди вистинитоста на ваквите тврдења, за наша среќа, бихевиоралната генетика се има позанимавано со ова прашање.
Дали елитните способности за изведба на Концертот за пијано и оркестар на Рахмањинов се примарно последица на вродениот талент или на систематско и упорито вежбање? За да се истражи врската помеѓу музичката пракса и вродената способност, била спроведена студија на скандинавскиот полуостров, којашто за првпат употребила генетски примерок на голема група близнаци: 10.539 лица (Mosing, Madison, Pedersen, Kuja-Halkola, & Ullén, 2014). Целта на студијата била подробно да се проценат генетските влијанија на изведувачките способности и наклонетоста, односно љубовта кон музиката. Податоците биле собирани како дел од веб анкета, а во неа биле вклучени променливи чија цел е да измерат колку часови вежбал едниот, а колку другиот близнак, а врз основа на тие податоци да се утврди нивото на музички способности кај монозиготните и дизиготните близнаци. А за да се утврди музичката способност, предмет на истражување биле уште три клучни музички варијабли: дискриминацијата, односно разликувањето на висината на звуците и мерење на мелодиските и ритамските способности. Резултатите од истражувањето дале (за некого) изненадувачки резултати, односно проценките се дека музичките способности и наклонетоста кон музиката како дисциплина имаат силна наследна компонента, дури измеѓу 40-70%.
Општото распространето мислење е дека во процесот на учење се потребни околу 10 илјади часови за да научите, да речеме, свирење гитара на ниво на експерт. Сепак, како што веќе утврдивме, без соодветните генетски предиспозиции веројатно и 20 илјади часа би биле залудо потрошени . Па така, излегува дека многупати повторуваното клише дека музичките способности се последица на 5% талент, а 95% работа, најпосле се покажа како фундаментално грешна констатација. Дури и излегува дека ваквото тврдење во некои случаи може потенцијално да нанесе ненадоместлива штета на оние лица кои ги немаат потребните предиспозиции, нерационално трошејќи временски и материјални ресурси. Секако, постојат поголем број исклучоци на поединци чиј напорен труд се исплатил, но потребно е добро да се процени ситуацијата во интерес на поединецот. Идејата е дека оние луѓе кои не се вклопуваат најдобро во некоја дисциплина, сосем веројатно добро ќе се снајдат во некое друго професионално поле. Поради тоа од исклучителна важност е на децата да им ја пружиме сета потребна слобода преку која ќе ги истражат и ултимативно ќе ги остварат своите вродени потенцијали.
Бихевиоралната генетика и психогенетика не претставуваат дисциплини со чија помош се навлегува во клетката и директно се истражуваат гените на молекуларно ниво, бидејќи испитувањата обично се спроведуваат преку претходно подготвени прашалници и анкети преку кои се собираат информации за активностите на еднката. Всушност, тие се само индикатор дека генетските, односно срединските влијаниа се присутни. За да може прецизно се утврди кои гени се одговорни за музичките способности, се користат поинакви методи .
На пример, една интересна студија во која биле вклучени 39 различни култури од Африка и кои, патем, делеле прилично слични музички карактеристики во начинот на вокално изведување, покажале резултати во кои се посочува силна генетска врска помеѓу нив (Callaway, 2007). Една од бушманските заедници има бројни слични музички елементи со пигмејската култура. Музичките елементи се однесуваат на карактеристичната вокална изведба (јодлање) и специфичните динамички прогресии. Преку компаративна анализа на генотиповите и начинот на музичка изведба биле откирени споделувани генетски маркери и позитивна корелација меѓу гените и песните. Резултатите, всушност, индицираат потенцијална биолошка каузалност која се манифестира дури и на ниво на културните феномени како што е музиката .
Истражувањата поврзани со лоцирање на гените кои директно се поврзани со музичките способности се ретки. Како и да е, ќе се потрудам да изложам дел од она што досега сум успеал да прочитам. За процесите на перцепција на музика и вокална изведба се идентификувани неколку локуси во хромозомот 4 и специфичен локус во хромозомот 8q кој се поврзува со апсолутниот слух (Tan, McPherson, Peretz, Berkovic, & Wilson, 2014) . Генот означен како AVPR1A во хромозомот 12q, покрај перцепцијата, се поврзува и со слушањето и меморирањето на музиката, додека генот SLC6A4 во хромозомот 17q се поврзува со вокалните активности во група.
Други корисни податоци добиваме од студија која преку користењето на конвергентен метод со кој се собрани над 100 истражувања во кои биле вклучени бројни видови на животни (меѓу кои и човекот) резултирала со неколку можни кандидати на гени (Oikkonen, Onkamo, Järvelä, & Kanduri, 2016). Неколку од нив (EGR1, FOS, ARC, BDNF и DUSP1) се познати како гени одговорни за сензорните и моторните стимули во мозокот. Друга група на кандидати (MAPK10, SNCA, ARHGAP24, TET2, UBE2D3, FAM13A и NUDT9) лоцирани во хромозомот 4q21-q24, се генски региони за кои се смета дека се одговорни за музичките способности кај луѓето.
Важно е да се напомене дека сите наведени гени, всушност, само се поврзуваат со процесите на перцепција и когниција на музиката, но тоа не значи дека биле специјално обликувани од еволуцијата исклучиво за музички активности. На пример, генот AVPR1A се наоѓа и во ДНК кај глувците, но дали тоа значи дека треба да очекуваме од нив да уживаат во Баховите фуги? Веројатно не. Впрочем, генот аргинин вазопресин А1 влијае на вокализациите кај птиците, а кај рибите и гуштерите на одгледувањето потомоство. Тоа е така бидејќи поединечен ген или алел може да влијае на повеќе својства кои меѓусебно не се поврзани, феномен во молекуларната биологија и генетика, познат како „плејотропни гени“, додека, пак, на едно фенотипското својство честопати влијаат многу гени, нешто што е познато како „полигени“.
Резимето од прегледот на достапните истражувања е дека малку е веројатно дека постои специфичен „музички ген“ кај луѓето. Барем не таков јасен каков што беше во случајот со јазикот (FOXP2). Психолошките и когнитивните способности за разбирање, интерпретирање и креирање на музиката се последица на стотици гени дистрибуирани во секвенците на ДНК. Секој од нив игра помала или поголема улога во акумулацијата на нашите предиспозиции за совладување на оваа комплексна уметничка област. Останува да се надеваме дека во скоро време ќе се иницираат поголем број на истражувања кои потенцијално би довеле до нови сознанија со коишто подробно би се утврдиле причините позади музичките вештини.

Comments
Post a Comment