Редукционизам и холизам: елементарни единици и епифеномени

Неретко во филозофијата и науката среќаваме две навидум спротиставени позиции: редукционизмот и холизмот (Pigliucci, 2014). Според биологот Ричард Докинс, организмите се еден вид на робови кои им служат на нивните микроскопски господари—гените. На еволуцијата воопшто не ѝ е гајле дали слушате духовна или рап музика, ниту дали читате Библија или можеби Карл Маркс. Доколку нивните есенции се во полза на опстанокот и ви помагаат да ги пренесете вашите гени на следното поколение, тогаш тоа е тоа! Впрочем, на еволуцијата битно ѝ е само да ве одржи доволно долго за да се репродуцирате, па потоа вие правете што сакате и мислите му ја. Па така, излегува дека Докинс успешно ја употребил редукционистичката алатка кога пробал да го објасни животот од аспект на генетика и молекуларна биологија.

Друг поочигледен пример е кога имаме појава на интелектуална попреченост како последица на наследен генетски дефект лоциран во 12-тиот хромозом, нешто што е познато како фенилкетонурија. Заболеното лице ги наследува афектираните алели од обата родитела, форма на наследување позната како автосомно рецесивно наследување. Друг сличен пример е Хантингтоновата болест—моногенетското заболување која го засегнува мозокот. Погодените лица ја губат способноста за од, говор, мислење и помнење. И сето тоа за сметка на само еден дефектен ген. Целта на наведените искази е да се покаже дека дури и најмал поинаков исход во нешто што е толку мало и незначајно како што е генот, може да има масовни импликации на квалитетот на нашите животи, иако со развојот на науката и технологијата полека почнуваме да ги контролираме овие несакани појави.

Во основа, редукционизмот претставува филозофско гледиште каде што појавите, објектите и ентитетите можат да се објаснат преку нивно расчленување во помали фундаментални целини. На пример, мислата е продукт на човековиот мозок како последица на електрохемиски промени во мозочното ткиво. Но и човековиот мозок е една неверојатно сложена целина изградена од милијарди други помали елементи наречени неврни клетки. Тие пак може да се расчленат во уште помали хемиски ентитети како што се липидите, јаглехидратите, протеините, нуклеинските киселини итн. Но, тука не завршува скалата. Молекулите на шеќер (јаглехидрати) се сочинети од три поединечни елементи: јаглерод, водород и кислород. Водородот е наједноставниот по градба и воедно најчестиот елемент во космосот, сочинет од по еден протон и еден електрон. Протонот, кој е составен дел од атомското јадро, е структура изградена од уште помали субатомски честички познати како кваркови, кои, пак, доаѓаат во повеќе варијанти. Математички, покажано е дека дури и овие, речиси невидливи ентитети веројатно се резултат на уште помали фундаментални елементи на природата познати како струни.

Ваквиот пристап наводно ги обединува сите науки и констатира дека сите појави се сведуваат на најфундаменталната од сите науки – физиката. Клишето дека социологијата е дисциплина просветлена од страна на психологијата, психологијата од биологијата, биологијата од хемијата, а хемијата од физикита, не е баш од полза. Се чини дека е бескорисно и непрактично да се обидеме да ја опишеме, на пример, музиката или било која друга уметничка манифестација од аспект на кваркови или струни—во вакви околности, редукционизмот е безвреден. 

Со цел да се отстрани ваквиот проблем и да се зачува суштината на феномените од разни научни дисциплини, Ричард Докинс и Стивен Пинкер го делат редукционизмот во две категории: (1) десктруктивен редукционизам—или ултра-редукционистичко и банално делење на феноменот во неговите најосновни целини; (2) хиерархиски редукционизам—кој нема да направи превид и отфрлање на сите науки во полза на физиката, туку ќе воспостави интеракција и поврзување на заеднички точки помеѓу две или повеќе различни области (Dawkins, 1986Pinker, 2002). Оттаму, може да донесеме заклучок дека уметноста, а особено музиката, се темелат на психологијата и биологијата.

За разлика од редукционизмот, кај холизмот се придава значење на целината. Премисата е дека својствата на даден феномен не можат да се објаснат од аспект на неговите составни делови и се инсистира на зачувување на целината. Од ваквиот концепт произлегува идејата за зародокот (пројавност), односно, се разгледува појавата на ново својство како резултат на меѓусебните односи на определен број на елементи во еден систем. На пример, појавата на месопотамиската цивилизација претставува рамка на комплексен систем конституиран од интеракцијата помеѓу културните, општествените, политичките, воените, религиските и останатите организации. Слично и со музиката—таа суштествува како резултат на интеракцијата меѓу формообразувачките средства како мелодијата, хармонијата и ритамот, кои самите по себе претставуваат композити од други помали елементи. Ваквата деривација на нов феномен од повисок ред, уште се нарекува и епифеномен .

Редукционизмот и холизмот не се меѓусебно исклучиви, напротив, тие коегзистираат и секојдневно се употребуваат за различни нешта во различен контекст (Corning, 2002). Генерално, редукционизмот се однесува на објективистичките образложенија на одделни појави и се поврзува со централното научно прашање „Како?“. Во пакет доаѓа и мислењето дека објективната стварност постои независно од нашата перцепција, како на пример, фактот дека Месечината постои дури и сега кога не ја гледате и вниманието ви е свртено кон читањето на овие зборови. Холизмот, пак, се однесува на субјективистичките гледишта на светот и се поврзува со дуалистичкото прашање „Зошто?“. На пример, зошто сме воопшто живи, зошто универзумот постои, што се случува откако ќе умреме, и ред други прашања поврзани со човековото битисување. Овие две гледишта се основата на индуктивниот метод (од поединчно кон општо) и дедуктивниот метод (од општо кон поединчено).

Comments