Ерик Џонсон: феноменот од Тексас

Роден сум во средината на осумдесеттите години, кога хеви метал и глам рок музиката земаат голем замав. Бесни гитари во форма на V, бујни коси, необични фризури, тон шминка и раскошна шаренолика облека се белегот на овој возбудлив период. Во целата таа бука, во буквална и преносна смисла, од никаде се појавува еден слабичок, скромен и ненаметлив човек, во рака со навидум обичен „исончан“ стар стратокастер, но со исклучително оригинален звук, дотогаш непознат на пошироката публика. Неговото име е Ерик Џонсон од Остин, Тексас.

Гитара свирам од 1996 година, но последниве година-две успеав повторно да се поврзам со инструментот на начин ист како на самиот почеток. На некој начин ова е повторно вљубување, а за сето тоа виновен е токму Ерик Џонсон. Имав прилика да го слушам уште од времето на G3 турнејата од 1997 година, заедно со Стив Ваи и Џо Сатриани и добро се сеќавам дека со другар ми Лазар со восхит ги коментиравме неговите неприкосновени вештини. И тоа беше тоа. Но пред некој период на интернет повторно се сретнав со неговиот опус и овојпат можам да кажам дека моето внимание беше целосно заробено од неговата музика, нешто што ми се нема случено од одамна.

А што е тоа што ја прави музиката на Џонсон особено привлечна за слушање? Џонсон својот звук постепено го усоршувал низ годините, правејќи прилагодувања и обликувања сѐ додека не го изградил неговиот препознатлив музички израз. Како и секој гитарист од САД, блуз музиката имала силно влијание врз неговото музицирање, но необичните акордски прогресии и хармонии исполнети со импресионистички призвук доаѓаат од неговото рано образование на инструментот пијано. Свирењето акорди кај Ерик Џонсон речиси никогаш не е сувопарно и во основна форма. Во неговите прогресии може да се забележи слободно врзување на септакорди, нонакорди, алтерирани акорди, заменети и додадени тонови, но и многу често користење на инверзии. Исто така, во овие акордски прогресии може да се насети т.н. скриена мелодија, којашто деривира од самите акорди.

При свирењето акорди Џонсон се користи со пар Fender Deluxe Reverb појачала од различни години на производство за стабилен стерео сигнал. Звукот е дополнително обогатен и раширен со помош на неколку гитарски педали како TC Electronic Chorus и Electro Harmonix Memory Man. Овој технички пристап во комбинација со свирењето на Џонсон резултира со нешто што многумина го нарекуваат „рајски звук“, бидејќи предизвикува возвишени чувства блиски на религиските. Ваквото зен чувство Џонсон често го дополнува со техника која е имитација на јапонскиот инструмент кото и флажолети кои потсетуваат на харфа. Катарза!

Но во неговото музицирање постои уште една страна, виртуозна и молскавична. За добивањето на овој моќен звук, Џонсон се користи со две стари Plexi Head Marshall појачала од шеесеттите години, едното за т.н. „прљав“ тон, а другиот стриктно за солирање. Повторно, она што го двои Џонсон од останатите е неговиот пристап во свирењто и тонот кој наликува на електрична виолина. За добивањето на овој „виолински звук“ потребно е целосно да се скротат високите фреквенции (treble) и потенциометарот за присуство на звукот (presence) на појачалото, а за дополнително зачинување на звукот на педалбордот да се постават неколку овердрајв/дисторзија педали како FuzzFace, Tube Screamer и Tube Driver. Ваквото уникатно подесување на звукот во комбинација со неговите супербрзи (но хируршки прецизни) пентатонски скали и разложени акорди резултира со стил препознатлив од вселената. 

Џонсон во мене повторно разбуди страст за гитара која сум ја чувствувал уште како адолесцент и искрено сум му (иако нема појма) бескрајно благодарен за тоа. За жал, неговите настапи генерално се ограничени на тлото на САД, така што не сум сигурен дека некогаш ќе имам прилика да го проследам во живо. Којзнае. Добрата вест е што Стив Ваи наскоро настапува во Скопје, па ќе имам прилика дополнително да евоцирам спомени од младите луди години.

Comments