Музиката од нашите млади луди години

Jethro Tull: омилениот бенд на татко ми. Извор: northernlifemagazine

„20 години сум живеела во Скопје, а 70 во Тетово. Све таму (Скопје) се сањам“ — ми рече баба ми додека лежеше во тетовската болница, на почетокот на декември 2020 година. Си помислив: колку е тоа интересно. Да ги поминеш првите дваесет години од животот на едно место, а остатокот на друго, па сепак во соништата постојано да ти се враќа домот на детството — тоа е еден навистина уникатен и фасцинантен феномен. Сфатив дека баба ми не била единствената што во сон ја посетуваат спомените од младоста. И мојата сопруга Соња вели дека речиси секој сон ѝ ја враќа куќата во која пораснала со своите најблиски. Ваквиот феномен, пак, е тесно поврзан со музиката

Колку и да сме отворени за нови искуства и нова музика, ако имате над триесет години (како мене), веднаш ќе забележите дека токму музиката што ве обележала во адолесценцијата и тинејџерските години ви е најблиска и најдрага. Ова речиси е правило без исклучок. Како што напоменав и во друг текст, можно е со текот на времето и јас да се претворам во намуртено старче што мрази сè ново на музичката сцена. Науката, сепак, има објаснување: луѓето ја претпочитаат музиката на својата младост и со недоверба гледаат кон новите трендови.

Зошто е тоа така? Се чини дека одговорот лежи во начинот на кој созрева нашиот мозок. Во невронауката, кортексот — ткивото најблиску до черепот — се смета за логичен и аналитички дел од мозокот. Токму таму се складираат повеќето сензорни информации за да бидат декодирани. Тоа е местото каде што им даваме наредби на мускулите да се движат, каде што се создава говорот, каде што се чуваат спомените, каде што ги обработуваме просторно-временските информации и каде што донесуваме одлуки. Но префронталниот кортекс има уште една, особено важна функција: тој ги пригушува емоционалните реакции што потекнуваат од лимбичкиот систем. Тие два дела на мозокот постојано се натегаат, соработуваат или се судираат — потсетувајќи нè на старата филозофска расправа (од Декарт наваму) за поделбата меѓу разумот и емоциите.

Во различни ситуации, фронталниот кортекс и лимбичкиот систем си влијаат еден на друг: некогаш се надополнуваат, некогаш се инхибираат, а понекогаш се „расправаат“. И исходот не е секогаш ист. Понекогаш победуваат емоциите: слушаме лоша вест за блиска личност и чувствата нè обземаат, па заплакваме од тага. Но понекогаш надвладува разумот: некој се обидува свесно да нè испровоцира, а ние успеваме да останеме смирени и да не му дадеме значење. Сигурно ви се има случено да бидете на раб да се пресметате со некого, па во последен момент да се исконтролирате. За тоа можете да му заблагодарите на префронталниот кортекс, кој ги зауздува ирационалните пориви — нешто што ретко кој од вишите организми го поседува на толку развиено ниво.

Интеракцијата помеѓу стриатумот и префронталниот кортекс се менува во различни стадиуми од животот. Со развојот, односот помеѓу овие два дела значително се менува. Контрастот бледа/полна боја има за цел да го означи процесот на созревање — од незрело кон зрело, а линиите ја прикажуваат функционалната поврзаност — од незрело (испрекинати) кон зрело (полни линии) (Casey & Jones, 2010).

Образложението е дека постои битна разлика во односот меѓу овие два мозочни центри во младоста и зрелоста. Во младоста генерално преовладува лимбичниот систем, а некаде до 25 година созрева префронталниот кортекс и потоа тој го презема кормилото. Затоа во зрелоста стануваме прилично пресметливи и рационални кога носиме одлуки и затоа во тинејџерските години и адолесценцијата доживуваме магични, интензивни, опсесивни љубовни искуства и страсти. И токму затоа добро ги паметиме. Емоциите ја филтрираат природата и точноста на она што го паметиме. Ете затоа баба ми добро го паметела и често го сонувала Скопје, на татко ми во средношколските денови омилен бенд му биле Jethro Tull, а на мене сѐ уште ми се Pink Floyd и Queen.

Comments