Кус осврт: Blade Runner
Имам само матни сеќавања од детството поврзани со специфични сцени од култниот Blade Runner. Се сеќавам на сцената со оживеаните кукли дизајнирани од J. F. Sebastian, како и на кулминацијата на филмот проследена со монологот на Roy Batty (глумен од Rutger Hauer), непосредно пред крајот на неговиот живот. Но мене апсолутно ништо не ми беше јасно – ниту го разбирав наративот и концепцијата, ниту имав поим за контекстот, ниту за поентата што се крие зад целата таа драма. Едноставно, бев премлад за да толкувам сложени и суптилни моменти на интеракција. Интересно е што, иако ништо не ми беше јасно, филмот некако успеа да го улови моето внимание и на некој чуден начин да остави силен впечаток. Зошто? Немам поим. Можеби поради визуелните ефекти или поради музиката на генијалниот Вангелис. Којзнае.
Пред неколку години случајно го изгледав повторно и добив многу појасна слика за заплетот и целта на филмот. А пред една година, по повод четири децении од неговата премиера, решив уште еднаш да му се вратам и целосно да се препуштам на содржината. Можеби Blade Runner е од оние филмови што треба да се гледаат неколкупати за да „кликнат“ кај гледачот. По секое гледање, кај мене се формираше нов слој на интерпретација, а последниот е во суштина многу едноставен – токму затоа решив да го пренесам тука.
Оригиналната приказна е прилично замрсена. Филмот ја прикажува не толку далечната иднина, во која човештвото и технолошкиот напредок успеале да создадат сосема нов вид организми дизајнирани да му служат на човекот. Средината во која живеат луѓето е мрачна, обвиена со сиви магли, вртоглаво високи згради со светлечки билборди и реклами од моќни корпорации. Има јасна нота на дистопија, но тешко е да се одреди дали се работи за орвелска или хакслиевска. Делува ко комбинација од двете.
Овие вештачки организми-репликанти се всушност бунтовни робови. Отпадници кои решиле да се ослободат од оковите на ропството и се во потрага по нивниот создател, со надеж дека ќе им ги продолжи мизерно кратките животи. Тие патуваат од непознат ѕвезден систем назад кон Земјата. Имаат само малку време да ја променат својата судбина (нивниот животен век е ограничен на само четири години), но потрагата им се усложнува кога владата ангажира поранешен агент и искусен „истребувач“, чие што задолжение е да ја саботира нивната мисија и да ги испрати во „пензија“ – со други зборови, да ги ликвидира. Интересен дистописки елемент каде се користи еуфемизам за очигледно свирепо убиство.
Оваа приказна е предмет на безброј интерпретации. Многу филмски критичари, аналитичари, новинари и филозофи се обиделе да дадат личен осврт за значењето и пораката што ја пренесува филмот. Моето гледиште за овој – и за мнозинство други филмови – е пандан на Јунговите архетипови: колку и да постои апстракција и разновидност на површината, под неа, во суштината на приказната, е вгнездена едноставна порака што авторите (не)свесно ја пренесуваат.
Навистина, сосем е можно авторите несвесно да ги инкорпорирале сопствените животни искуства во приказната. Во филмот постојано се појавуваат носталгични мотиви од некое поубаво минато. Иако некои луѓе имаат негативни искуства од раниот развој, за голем дел од нас детството е незаменлив идеал. Memories of green? Што може да биде поубаво од детството? Во очите на детето, светот е прекрасно место за живеење – без соочување со секојдневните предизвици, без непредвидливоста на иднината, и без емотивниот товар што се собира низ годините. Децата вистински живеат во сегашниот миг! Но како што постепено навлегуваме во светот на возрасните, така работите драстично се менуваат.
Затоа мислам дека мрачниот Лос Анџелес во филмот всушност е персонификација на внатрешниот свет на поединецот: осаменички, тажен, отсечен од сите, со интензивни внатрешни борби и спомени од подобри времиња. Овој начин на живеење е белег на денешницата. Сè повеќе луѓе обезбедуваат финансиска независност и живеат изолирано од остатокот на семејството и пријателите, нешто што не било случај во нашето еволуциско минато. Семејствата и пријателствата стануваат малцинство, а како последица страдаат социјалните и емоционалните врски – резултат на тоа е порастот на нарушувања на расположението. Според најдолгата студија што некогаш била спроведена, утврдено е дека единствениот фактор што го прави животот исполнет и смислен не се парите, ниту кариерата, ниту славата, туку љубовта.
Во сето тоа сивило, осаменост и мизерија, главниот протагонист (или, според некои, антагонист) Rick Deckard успева да најде љубов. Таа е примарниот мотивациски фактор што ја придвижува приказната и ја прави посебна. Deckard е слика и прилика на градот во кој живее, но она што сега му го прави животот поднослив е неговата Rachael. Патот на Roy Batty, пак, оди во сосема поинаква насока – тој умира со болна насмевка на лицето, осамен, без љубов и без надеж.
Портретирањето на вечната битка помеѓу љубовта и смртта во филмот е тема стара со милениуми – и токму тоа го прави овој филм толку привлечен. Животот на возрасните секогаш ќе го следи темна обвивка, но љубовта е зрак светлина во темнината. Пронајдете го.

Comments
Post a Comment