Клин со клин: кога тажната музика ја избива тагата
Тажната музика предизвикува ефекти коишто се во најмала рака интересни. Обично радоста ја сметаме за антагонист на тагата, иако на обете антагонист всушност е индиферентнотста и анхедонијата. Интуитивно знаеме дека радоста претставува позитивна емоционална состојба - моменти кога се чувствуваме „убаво“. Првиот текст од блогов се осврнува токму на тажната музика и таму заклучивме дека истата помага во справување со негативните искуства од секојдневието. На пример, кога ја преслушувам музичката тема од серијалот Твин Пикс, очите речиси секојпат спонтано ми се полнат со солзи. Она што го доживувам во текот на слушањето може да се опише како силна тага, меланхолија и очај. Но, на некој чуден начин, чувството ми годи. И знаете што, ваквата „тортура“ ќе си ја повторувам и понатаму.
Но зошто воопшто да се измачувам? Што може да поттикне разумна личност намерно да се изложува на болно искуство? Ваквиот концепт на „прекрасен ужас“ анализиран од страна на германските филозофи од 19-ти век е особено изразен во музиката. Земете друг музички пример – прелудиумот бр. 4, опус 12, во е-мол на Шопен: музичката прогресија постепено тоне во депресија, а мелодијата исполнета со долги застои и движења во мали секунди предизвикува неподнослива мака и тага. Сепак, како што веќе забележав претходно – чувството што го предизвикува е просто неодоливо. Можеби некој за мене ќе си помисли дека станува збор за мазохист. Но, се чини дека не сум сам и феноменот е универзален.
Една хипотеза на истражувачот Клајв е дека постои засебна „естетска емоција“, наполно различна од емоциите, која настанува само при перцепција на уметнички дела. Во контекст на музиката, можеби постои уникатна „музичка емоција" со исклучителна моќ да ги плени слушателите на начин единствен за музиката. На тој начин се инхибираат аверзивните механизми, а парадоскот исчезнува како утринска магла. Или пак хипотезата на Питер Киви (1990), која вели дека слушателите на музика воопшто не доживуваат тага, туку истата ја согледуваат изразена преку музика и така ги мешаат емоциите перцепирани со чувствата. За разлика од Клајв и Киви, англискиот композитор од 20-ти век, Пол Хиндемит смета дека музиката често го менува емотивниот карактер, оттаму таа не може да предизвика (исклучиво) негативни емоции, туку различни. Сето ова делува вистинито, но за да се увериме во веродостојноста, ќе мора да погледнеме што велат најновите истражувања.
Најпрвин потребно е да ги разграничиме термините „меланхолија“ и „тага“. И двете реакции се јавуваат при слушање музика, со таа разлика што меланхолијата е емоција со негативна валентност и слаба физиолошка реакција, а тагата е емоција со негативна валентност со силна физиолошка реакција. Меланхолијата ја искусуваме кога наидуваме на разочарување; имаме опаднато држење на телото, неутрален израз на лицето, социјална повлеченост, тивок ненаметлив говор, а физиолошките симптоми вклучуваат намален пулс, забавено дишење, намалување на нивоата на серотонин, епинефрин, норадреналин и ацетилхолин (Andrews & Thomson, 2009). За разлика од меланхолијата, тагата предизвикува силна емоционална реакција, како плач, лелеци, силно дишење проследено со повиешен пулс.
Луѓето умеат да направат разлика од меланхолија до тага во различни дела, но интересно е што неретко можат да ги искусат и обете состојби во една иста композиција (Warrenburg, 2020). Тоа било случај со познатото музичко дело „Адаџо“ на Сејмуел Барбер. Тажната музика првенствено се поврзува со дур-молскиот систем, особено со молската скала. Но, резултатите од истражувањата покажуваат дека дури и дела напишани во дур (скала која обично се поврзува со позитивните емоции) можат да предизвикаат тага, односно меланхолија. Како пример од лично искуство ја земам песната „Wish you were here“ на Pink Floyd. Песната споделува некои обрасци на тажна музика: релативно бавно темпо, тажен текст, експресивна вокална изведба, но хармонска прогресија се одвива во дуркса скала, односно ге-дур. Кога станува збор за меланхолична вокална изведба, еден поскорешен пример е пејачката Били Ајлиш, чијашто изведба се карактеризира со релативно тивко пеење во низок регистар, темна боја на глас, ограничен опсег и без некои поголеми и нагли интервалски скокови.
Сепак останува отворено прашањето што ја прави тажната и меланхолична музика привлечна за слушање. Научната публикација дисекцирана во првиот напис за тажната музика, покажува дека слушањето тажна и меланхолична музика е привлечно затоа што може да ни помогне во справувањето и надминувањете на проблемите, како и да ни пружи утеха (van den Tol, 2016). Слушателот се идентификува со музиката и текстот на авторот, со што се овозможува „излегување на крај“ со ситуацијата. Тажната и меланхолична музика ја отсликува состојбата на моменталните животни околности т.е. песните делуваат како своевидно огледало за нашите емоционални состојби.
Од биолошки аспект, високите концентрации на пролактин се поврзуваат со таканаречената „пријатна тага“ предизвикана од слушање тажна и меланхолична музика, бидејќи пролактинот создава чувство на спокој, смирение и утеха (Huron, 2011). Лачењето пролактин е својствен процес при соочување со позитивни околности; но забележано е зголемување на пролактинот и кога е предизвикана негативна емоција. Тоа е така бидејќи пролактинот произведува утешителен ефект како одговор на разни форми на стрес, во согласност со хомеостатската функција. Башка што музиката е безболна материја која луѓето во секое време можат да ја консумираат, за разлика од реалните животни предизвици каде што негативните ситуации навистина можат да предизвикаат силни аверзивни реакции. Ако навистина на овој начин се совладуваат постојните емоции преку слушање тажна музика, конечно може кажеме дека феноменот „пријатна тага“ конечно си доби свое образложение. Уживајте!

Comments
Post a Comment