Музичката полова селекција во пракса

Некои трудови мажественоста и музикалноста ги сметаат за биолошки адаптации—„реквизити“ со кои се демонстрира квалитет со цел да се привлечат потенцијални партнери. Девојки: музика или мускули? :)

Во еден поодамнешен блог-пост пишував за можните причини за појавата на музиката, а меѓу нив и половата селекција. Посочениот и овој напис специфично се однесуваат на интеракцијата меѓу половите, од коишто музички изведувачи и композитори се единките од машки пол. Во поново време во музичкиот бизнис речиси еднакво застапени се и единките од женски пол, коишто ги користат придобивките од музицирањето и чиишто импликации ќе ги изложам во друг, засебен напис.

Половата селекција подразбира фаворизирање и селектирање посакувани атрибути кај спротивниот пол, од физички до умствени. Некои луѓе акцент ставаат на физичкиот изглед, некои на интелектуалните капацитети, а некои на артистичките способности. Како што ќе видиме во продолжение, половата селекција е силен фактор кога станува збор за музиката.

Битлманија и Листоманија

Битлманија е терминот што голем дел од луѓето го користат за да го опишат феноменот којшто зафатил поголем дел од светот во 60-тите години на 20 век. Постојат извештаи дека пред, за време и по концертите, големи толпи на тинејџерки се обидувале да ги пробијат полициските кордони и директно да стапат во контакт со членовите на бендот. Но, тоа не се одвивало на мирен, пристоен и цивилизиран начин, туку на начин кој се граничел со насилство. На местата каде што присуствувала групата одекнувале гласни вресоци, плачови, изнемоштувања до бесвест, понекоја тепачка, а на самите концерти неретко писокот ја покривал музиката. На некој случаен минувач отстрана ова сигурно би му изгледало како некоја масовна хипоноза, хистерија, или можеби секташки ритуал, но не и на концерт со музика.

Слично, пред повеќе од еден век од појавата на Битлманија, се одвивал уште еден феномен на музичка опседнатост, познат како Листоманија. Терминот го сковал германскиот поет Хајнрих Хајне во 1844 година, откако ја проследил германската концертна сезона. На концертетите што ги давал Франц Лист, Хајне сведочел на нешто што повеќе наликувало на патологија, отколку на естетско музичко уживање. Познато е дека Лист бил неприкосновен виртуоз на пијано (а притоа и композитор, да не заборавиме) кој со своите исклучително големи раце произведувал толку моќен звук, што неминовно предизвикувал бура од емоции кај слушателите (особено слушателките) . Меѓу најпрочуените случаи е оној кога две жени се степале за чаша од која Лист претходно пиел, но се чини дека приказната била измислена откако се популаризирал феноменот. 

Анегдотските докази укажуваат дека квалитетот на музичката изведба опаѓал после сексот, најверојатно како последица на опаѓањето на нивоата на тестостерон. Еден од најистакнатите џез музичари и трубач, Мајлс Дејвис, заедно со останатите членови на бендот биле подложени на целибат пред настапите. Мајлс сметал дека ваквиот начин на подготовка значително им ја подобрувал изведбата. Ова се неколку познати анегдоти, но, да видиме што велат научните истражувања за проблематиката.

„Здраво. Одиме на пијачка?“

Според податоците од 18 симфониски оркестри (европски и северноамерикански), се покажало дека најголем дел од изведувачите, околу 80%, се мажи. Во контекст на ова, постојат докази за неслучајна распределба на седиштата во концертните сали меѓу мажите и жените (Sluming & Manning, 2000). Имено, во првите четири реда доминирале жени (69%), иако, нивното присуство не било ништо помало и во последните редови (51%). Истражувањето вклучувало 11 различни концерти и на сите имало повисок процент на жени во предните редови во споредба со задните.

Во психолошката литература, покажано е дека високите примања и социјалниот статус се важни индикатори кои обезбедуваат ресурси и опстанок на потомството. Со оглед на тоа што жените претпочитаат мажи со високи примања и статус, може да се подетално да се разгледа хипотезата во која жените ги земале во предвид оние машки особи, чии музички способности се толкувале како знак за висококвалитетни особини. Една студија ја тестираше оваа хипотеза каде што било побарано од млад привлечен маж да им се обраќа на девојки и да им побарува телефонски број, со тоа што во едната ситуација мажот држел гитарски кофер, во другата спортска торба, а во третата не носел ништо (Guéguen, Meineri, & Fischer-Lokou, 2013). Мажот со насмевка им приоѓал на девојките и им велел: „Здраво, јас сум Антоин. Само сакам да ти укажам дека си преубава. Се прашувам дали би сакала да ми оставиш твој телефонски број. Попладнево сум на работа, па подоцна ќе ти јавам да излеземе на пијалок“. Резултатите покажале дека во случајот со гитарскиот кофер, дури 31% од жените се одлучиле да го дадат својот телефонски број, наспроти 13% кога мажот не носел ништо со себе и само 9% кога мажот носел спортска торба. И покрај тоа што студијата е повлечена поради етички причини (експериментот вклучувал само една атрактивна машка особа, наместо повеќе со различен степен на привлечност), резултатите се дополнителен показател дека мажите со музички вештини се сметани за попривлечни.

Виртуози и аматери

Едно друго поново истражување ја подржува виталната функција на музиката во половата селекција каде што жените во плодната фаза на менструалниот циклус претпочитале композитори на сложена и апстрактна музика како краткорочни сексуални партнери, наспроти композитори коишто компонирале едноставна и лесна музика (Charlton, 2014). Како проширување на истражувањето, било спроведено уште едно истражување во кое жените и мажите имале задача да набљудуваат лица со неутрални изрази на коишто им претходеле примери со музика (Marin, Schober, Gingras, & Leder, 2017). За разлика од мажите, жените високо ги оценувале оние лица на кои им претходел пример со апстрактна музика, во случајов композиции за пијано од 19-ти век. 

Излегува дека музиката може силно да влијае врз перцепцијата на привлечноста на лицето кај жените. Образложението се состои во тоа дека мажите со определени атрибути, когнитивни или физички, имаат поголеми шанси за минливи сексуални авантури и пренесување на копии од своите гени. Покажувањето на креативноста и капацитетите за апстрактно мислење се јасен индикатор за високи адаптивни вредности, висока интелигенција, истакнати јазични способности, математички вештини и слично.

Заклучок

Заклучокот од горенаведените истражувања е дека способноста за музичка апстракција делумно еволуирала со женскиот избор на краткорочни партнери со импресивни музички вештини, бидејќи на тој начин се отвора можноста за пренесување добри гени, дури и во оние случаи кога веќе имаат постојан партнер (или во поново време—сопруг). На овој начин, тие истовремено го добиваат вниманието, влогот и ресурсите од постојаниот партнер и добрите наследни карактеристики од љубовникот. Од понуденото резиме произлегува дека мажот со стекнати музички вештини со сигурност добивал каква таква предност пред останатите кога станува збор за потрагата по партнер.

Comments